Agim Sulaj
05 Октомври 2026•Ажурирано: 05 Октомври 2026
Пратениците на Собранието на Косово во прво читање го усвоија Предлог-законот за измена на Законот за Специјализираните совети на Косово, јавува Анадолу.
Претходно, непосредно пред пленарната седница, тој едногласно беше изгласан од членовите на Комисијата за законодавство.
На седницата пратеникот од Демократската партија на Косово (ПДК), Перпарим Груда, кој го претстави Предлог-законот, рече дека Специјализираниот суд, основан врз основа на наводите од извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, презентиран од Дик Марти, е формиран токму со цел истрага за трговија со органи.
Образложувајќи го барањето за изменување на законот, тој рече дека овој закон не го одзема правото на Специјализираниот суд да продолжи со истрагата за обвинението за трговија со органи, туку има цел да му одземе дел од надлежноста.
„Ова значи дека Косово нема да го менува својот Устав, амандманот 24, ниту пак ќе ја прекрши меѓународната обврска што ја презеде преку размената на писма ратификувани во ова Собрание. Ниту ќе го наруши меѓународниот договор што го имаме со Холандија. Затоа што сите тие се во функција на истрагата на наводите за трговија со органи. Она што го правиме е воените злосторства да се префлат за судење во Косово од страна на институциите на косовското правосудство“, истакна Груда.
Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека ОВК е највисок политичко-воен поим во ослободителната историја на Косово од времето на Призренската лига.
Но Курти рече дека овие потези за изменување на Законот за Специјализираниот суд се избрзани и не се доволно анализирани и обмислени.
„Денес гневот на граѓаните кон судот е оправдан. Тој беше присутен и во 2015 година, но тогаш овој гнев не беше земен предвид од пратениците во Собранието. Затоа, поплаките за судот треба да им бидат упатени на оние што го основаа, а не на оние што му се спротивставија. Одговорноста ја сносат оние што го основаа. Ние му се спротивставивме на Специјализираниот суд уште од самиот почеток, но тогаш ја немавме вашата поддршка, а денес ние ве поддржуваме“, истакна Курти.
Тој рече дека Движењето Самоопределување не е убедено во користа од овој закон, но дека ја почитува довербата на ПДК во овој закон. Курти рече дека покрај ова гласање, ПДК треба да ја преземе и политичката одговорност и да го поддржи процесот на гласање за новиот претседател.
Курти рече дека денес повторно ќе се сретне со лидерот на ПДК, Бедри Хамза, за да се договорат околу прашањето за претседателот.
Уставниот суд во своето решение наведе дека Собранието на Косово треба најдоцна до 6 октомври да изгласа нов претседател, во спротивно земјата автоматски оди на нови парламентарни избори.
Во меѓувреме, пред почетокот на парламентарната седница, од раните утрински часови, група граѓани протестираа пред зградата на Собранието на Косово во рамките на иницијативата „Не во мое име“, со барање пратениците да ги изгласаат законските измени за Специјализираните совети.