Husamedin Gina
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, истакна дека епидемиолошката состојба во земјата бележи зголемување на новодијагностицирани случаи на Ковид-19, и дека е зголемен Р0-факторот на преносливост, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче на прес-конференцијата одржана онлајн даде информации за најновата епидемиолошка ситуација со Ковид-19 во Северна Македонија.
„Епидемиолошката состојба во земјава бележи зголемување на новодијагностицирани случаи на Ковид-19, почнувајќи некаде од периодот пред две недели“, нагласи Филипче.
Истакнувајќи дека расте и Р0-факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, министерот рече дека тоа е јасен индикатор дека ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка ситуација што владееше во претходниот, прилично долг временски период.
Ваквиот раст, како што посочи министерот, е очекуван имајќи го предвид она што се случува во земјите од регионот, каде што има огромен број на новодијагностицирани со Ковид-19.
Осврнувајќи се на скринингот во училиштата во земјата, Филипче рече дека регистрирани се вкупно 1.068 случаи на Ковид-19 кај малолетната популација до 18 години, дека 23 деца се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања во Козле и дека ниту едно од нив не е во критична состојба.
„Скринингот е завршен во најголемиот број од училиштата, тестирани се над 5.000 ученици, 15 ученици се позитивни. И сега е исклучително битно во периодот којшто следува сиве овие протоколи да важат во училиштата за да се заштити целокупниот образовен процес“, додаде Филипче.
Во однос на вакцинацијата рече дека досега се аплицирани над 1,6 милиони дози вакцини на територијата на целата држава. Прва доза на вакцини примиле 810 илјади граѓани, околу 8.000 граѓани се вакцинирани во странство, а ревакцинирани се над 780 илјади граѓани.
Министерот Филипче, додавајќи дека вкупно 44 проценти од населението е вакцинирано против Ковид-19, потенцира дека има стагнација во однос на вакцинирањето.
На новинарско прашање, дали се планира преземање на нови мерки го оглед на новиот бран на епидемијата, министерот Филипче одговори дека треба целокупните процеси да продолжат со превентивните мерки и инсистирање да се зголеми процентот на вакцинација.
Тој, исто така, информираше дека е испратено писмо до сите матични лекари да ги повикаат на вакцинација сите пациенти кои не се вакцинирани.
Меѓу другото, Филипче наведе дека се преговара за набавка на антивирусниот лек од компанијата „Мерк“, и повторно упати апел до граѓаните да се вакцинираат.