Zylfije Adem Jakupi
27 Октомври 2022•Ажурирај: 28 Октомври 2022
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека Косово постигнало голем напредок на европскиот пат и дека ги има исполнето сите критериуми за либерализација на визниот режим, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фон дер Лајен му честита на Косово за преземените амбициозни реформи, што се одрази во последниот Извештај на Европската комисија за проширување, кој е многу позитивен за Приштина. Истакна дека Косово забележало напредок во борбата против корупцијата и дека чекор по чекор гради солидна пазарна економија. Наведе и дека Косово ги исполнило сите критериуми за либерализација на визниот режим, но дека треба уште да се работи со земјите од Европската Унија.
„Сега повторно потврдивме дека ги исполнивте сите критериуми. Наша задача е да го убедиме целиот Европски совет, мнозинството е на ваша страна. Многу е добро што тие дискусии се обновени, работевме многу со чешкото претседателство, потребен е голем дипломатски напор и разјаснувања, но можете да сметате на Европската комисија бидејќи ќе направиме сѐ да ви помогнеме на вашиот пат“, изјави Фон дер Лајен.
Говорејќи за енергетската криза, Фон дер Лајен наведе дека Русија, која ја уништува Украина и ги тероризира украинските граѓани, ја користи енергијата како стратешко оружје, манипулирајќи со пазарот, што се чувствува и на Косово. Нагласи дека ЕУ никогаш нема да подлегне на таа уцена и дека и Косово ќе има корист од разговорите што се водат за законското решение за највисоката цена на гасот, што ќе влијае и на цената на електричната енергија.

„Сега можеби ќе ви треба буџетска финансиска поддршка, па ќе ви дадеме грант од 75 милиони евра за итна поддршка на бизнисите и домаќинствата. Ќе ги завршиме сите процедури до крајот на годината за во јануари да имате средства во буџетот. Имаме и инвестиција од 500 милиони евра за регионот за поддршка на обезбедувањето енергетска независност преку вложувања во обновливи извори на енергија“, рече претседателката на Европската комисија.
На прашањето за коментар во врска со косовските таблички, Урсула фон дер Лајен одговори дека знае дека се работи на изнаоѓање решение и дека смета оти е неопходно правилата да се почитуваат во секоја земја, но доколку постои транзиција, тогаш транзицијата треба да биде сеопфатна. Таа ги пофали и напорите на Косово во процесот на дијалогот со Србија.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, истакна дека посетата на Фон дер Лајен ја потврдува посветеноста кон Косово и регионот, и дека е одлучувачки ЕУ да го поддржи регионот во време на енергетска криза. Османи рече дека Косово, иако ги има исполнето сите критериуми за визна либерализација, сѐ уште се третира на поинаков начин.
„Иако според Проектот за правда во светот [World Justice Project] сме на прво место во Европа и на второ место во светот во однос на реформите во областа на владеењето на правото, ова е уште еден доказ за нашата непоколеблива определба за зајакнување на демократијата и владеењето на правото во нашата земја. Граѓаните на Косово остануваат изолирани во срцето на Европа, на континентот на кој припаѓаат и кон кој придонесуваат со заштита на демократските вредности. Помина многу време, но и покрај исполнувањето на критериумите, сѐ уште не се случи визна либерализација“, нагласи Османи.
Наведе дека Косово е многу сериозно во своите аспирации кон евроатлантските интеграции, како и дека целосно ја има усогласено својата политика со ЕУ, вклучително и санкциите против Русија.
Во врска со истекувањето на рокот за пререгистрација на возилата што е на 31 октомври, Османи повтори дека веќе подолго време српските граѓани на Косово кои сакаат да го почитуваат законот и да ги пререгистрираат табличките од нелегални српски во легални косовски биле под притисок на српски криминални банди. Таа изрази уверување дека меѓународните сојузници ќе го поддржат Косово во борбата против криминалните групи, додавајќи дека Србија се заканува со насилство затоа што Приштина ги спроведува законите.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна и со премиерот на Косово, Албин Курти.
Фон дер Лајен вчера ја започна посетата на државите од Западен Балкан со посетата на Северна Македонија. По Косово таа ќе отпатува во Албанија, додека в петок наутро ќе замине за Босна и Херцеговина, потоа за Србија и на крајот, в сабота, ќе отпатува во Црна Гора.