Elena Trenchevska Chekovic
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
По иницијатива на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а со поддршка од уставните судови на Србија и Босна и Херцеговина, формиран е Охридскиот форум за дијалог за зголемување на довербата во уставните судови, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Уставниот суд, Форумот претставува платформа за регионална соработка, размена на искуства и унапредување на принципите на независност, транспарентност и ефикасност на уставните судови.
Во рамките на иницијативата е оценето дека довербата во уставното судство е системско прашање во кое, покрај судовите и судиите, треба да учествуваат и политичките субјекти, медиумите, научната и стручната јавност.
Меѓу предложените мерки се наведуваат зајакнување на интегритетот на судиите, донесување и доследно почитување на кодекси на однесување, поголема достапност на судските одлуки, отворена комуникација со јавноста и подобрување на ефикасноста во постапувањето.
Охридскиот форум предлага и склучување Меморандум за зголемување на довербата во уставните судови, со кој би се утврдиле стандарди за транспарентност, заеднички показатели и методологија за следење на јавната доверба, како и регионално поврзување и унапредување на базите на уставносудската практика.
Форумот е основан како резултат на регионалната конференција одржана на 16 и 17 септември 2026 година во Охрид, во организација на Уставниот суд на Северна Македонија, со поддршка на Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).