Zülfiya Yakup
03 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
ПРИШТИНА (AA) – Таксите кои Косово ги воведе на Србија и на БиХ не треба да останат и сите проблеми кои постојат во однос на прашањето на слободна трговија заеднички да се решат, порача денес во Приштина европскиот комесар за добрососедство и преговори за проширување Јоханес Хан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хан, по состанокот на одржан со претседателот на Косово Хашим Тачи, претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели и премиерот на Косово Рамуш Харадинај, во Приштина, и утрово во Белград со претседателот на Србија Александар Вучиќ, истакна дека ЕУ работи на отстранување на трговските бариери.
„Зачленувањето во ЕУ значи единствен пазар, а во единствен пазар нема царински бариери и тоа беше големо достигнување. Тоа го велам, затоа што сите на некој начин бевме изненадени и незадоволни со воведувањето на таксите, првин од 10, а потоа и од 100 отсто. Тоа не е нешто што треба да остане во сила", рече Хан на конференцијата за новинарите во седиштето на Канцеларијата на ЕУ во Косово.
Комесарот Хан додаде дека сите во ЕУ се запознаени со потешкотиите со кои се соочува Косово и потребно е двете страни да го адресираат тоа прашање.
Тој рече дека го разбира ентузијазмот на многумина луѓе во Косово во врска со овие мерки, но нагласи дека треба да се земе в предвид како пазарот ќе одговори на овие такси.
Во однос на либерализација на визите, Хан рече дека го разбира нетрпението на граѓаните, но порача дека е потребно уште само неколку месеци за да целиот процес заврши. Комесарот нагласи дека по позитивната одлука на Европската комисија и Европскиот парламент, потребна е и едногласна одлука на Европскиот совет.
„Сега е во рацете на Советот на ЕУ, а таму обично е потребно најмногу време, така што сега сум повеќе од убеден дека датумот 2020 е повеќе од реалистичен, а можеби и посоро, не ме држете за збор", рече Хан.