Zülfiya Yakup
24 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, денеска изјави дека Владата на Косово не им полага сметки на амбасадорите, туку само на своето Собрание, а по повод притисоците од странските дипломати да се откаже од иницијативата за укинување на Законот за Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговарајќи на прашања од новинарите, Харадинај за време на неговата посета на Министерството за економски развој, рече дека владата ги почитува Собранието на Косово и иницијативите на пратениците и дека не им полага сметка на амбасадорите.
„Владата поднесува закони во Собранието, кое нè избрало, а на амбасадорите им поднесуваме сметки за дипломатските односи, за односите со државите. Тие не ни се работодавачи, нам ни се работодавачи пратениците и кон нив се однесуваме со почит“, рече Харадинај.
Предлогот за укинување на Законот за Специјализираните совети сега е кај Владата, која, како што рече, има рок од 30 дена за негово процесуирање. Сепак, без оглед на тоа дали Владата ќе го даде своето мислење или не за оваа иницијатива на пратениците, според Деловникот за работа на Собранието иницијативата на пратениците во рок од 60 дена мора да се разгледа на седница на Собранието.
Претседателството на Собранието во понеделникот одлучи дека иницијативата на 43 пратеници за укинување на Законот за Специјалниот суд ќе ја достави до Владата на разгледување.
Пратениците на Демократскиот сојуз на Косово ја напуштија седницата на Претседателството на Собранието, кога почна да се разгледува оваа иницијатива, бидејќи тие се противат на укинувањето на Специјалниот суд.
Оваа иницијатива на пратениците беше покрената на 22 декември, но тогаш немаше кворум на Претседателството за да се разгледа. Меѓународните партнери на Косово, првенствено САД и ЕУ, експлицитно се против оваа иницијатива.