Zylfije Adem Jakupi
04 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
ПРИШТИНА (АА) - Потпишаниот договор за економски односи е голем чекор кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, изјави премиерот на Косово, Авдулах Хоти, на прес-конференција по потпишувањето на договорот во Белата куќа во присуство на американскиот претседател Донад Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хоти оцени дека потпишаниот договор е историски во смисла на важноста како чекор кон конечен договор меѓу двете земји и кон реципрочно признавање.
Наведувајќи ги главните елементи на потпишаниот договор, Хоти рече дека станува збор за проект за автопатот и железничката пруга Приштина-Мердаре, за голема финансиска поддршка за малите и средни претпријатија, потоа инвестирање во енергетиката, донесување на гас и изградба на термоцентрала на гас и гасоводна мрежа.
„Сите овие договори вредат повеќе од една милијарда евра и имаме ветување од претседателот Трамп и неговата администрација дека сето ова ќе биде реализирано за една година“, рече Хоти.
Истакна дека е договорено и реципрочно признавање меѓу Косово и Израел и воспоставување дипломатски односи.
„Само што разговарав телефонски со премиерот Нетанјаху во присуство на претседателот Трамп, кому му се заблагодарив за подготвеноста да го признаат Косово“, рече Хоти.
Премиерот оцени дека ова е многу важна вест, за признавањето од страна на Израел, бидејќи немало признавање речиси три години, и дека многу е важна поддршката на САД за Косово во насока на признавањето и членството во меѓународните организации.
Договорено е Косово на една година да го паузира зачленувањето во меѓународните организации, а Србија на една година да го сопре лобирањето против зачленувањето на Косово и повлекување на признавањето.
Хоти понатаму рече дека е договорена функционализацијата на заедничкото управување со граничниот премин Мердаре, воспоставување на заедничка контрола со персоналот на Косово и Србија, формирање мини Шенген зона во која покрај Косово и Србија ќе бидат и Северна Македонија и Албанија, потоа признавање на дипломите и сертификатите на двете држави.
„Се согласивме да се направи физибилити студија за езерото Газивода, како ќе се користи водата од тоа езеро во иднина, како извор на вода и енергија“, рече Хоти.