Zülfiya Yakup
24 Јануари 2019•Ажурирај: 25 Јануари 2019
ПРИШТИНА (AA) - Заменик-премиерот на Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во Приштина се состана со заменик-премиерот на Косово, Енвер Хоџај, со кого разговараше на неколку теми, меѓу кои се дијалогот на Косово и Србија во Брисел и подготовки на заедничка седница на владите на двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-премиерот на Македонија, Османи, изјави дека неговата посета на Приштина се совпаѓа со важниот ден во кој се очекува Грција да го ратификува Преспанскиот договор со кој се решава прашањето околу името и во кој Македонија ги затвора сите отворени билатерални прашања со своите соседи и го отвора патот кон членството во НАТО и ЕУ.
„Јас често нагласував дека Македонија ги промовира и ги извезува на некој начин европските модели на затворање на балканските контексти, со што, се надеваме, ќе биде катализатор и за затворање на другите теми во регионот, со што конечно целиот регион би влегол во период на мир, стабилност и интеграција во НАТО и ЕУ“, истакна Османи.
Тој наведе и дека дошол да го информира Хоџај, затоа што тие двајца се координатори за организација на заеднички состанок на владите на Косово и Македонија, дека Македонија е спремна тој состанок да се одржи во мај, веднаш по претседателските избори во неговата земја. Османи нагласи дека досега се направило многу во подготовка на потребните договори и дека времето до владината седница на двете земји може да се искористи за подготовка на уште некои прашања, особено во областа на економијата.
Хоџај, на конференцијата за медиумите одржана по состанокот, соопшти дека го информирал Османи за динамиката на дијалогот, како и за тоа дека во февруари, март и април се очекува интензивна агенда на состанокот во Брисел.
„Она што се случува во билатералните односи на Косово и Србија не се однесува само на овие две земји, туку и на регионот, и ние ќе го информираме заменик-премиерот и во иднина за секоја динамика која овој процес ќе ја има, бидејќи достигнувањето на Косово ќе биде важно и за Македонија и за Албанците во Македонија“, рече Хоџај
Тој истакна дека на колегата Османи му честитал за големата улога што ја имал албанскиот политички фактор во Македонија во 2018 година во врска со името на земјата, и дека е разговарано и за подготовки на седница на владите на двете земји, која би требало да се одржи во 2019 година.
„Имаме многу добра агенда и 17 спогодби кои треба да бидат потпишани, кои предвидуваат соработка на кабинетите на премиерите, министерствата од различни сектори, општините. Тие спогодби уште повеќе ќе ја уредат соработката во областа на владеењето на законите, образованието, здравството, слободата на движењето на луѓето и царинските точки“, рече Хоџај.