Adel Ömeragiç
13 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Владата на Црна Гора денес го утврди Предлог-законот за потврдување на Северноатлантскиот договор и го испрати до Собранието на усвојување по скратена постапка, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Владата на Црна Гора беше порачано дека од обновувањето на независноста на земјата, евроатлантската интерација и членството во НАТО е еден од нејзините стратешки надворешнополитички приоритети.
„Врз основа на искуството на губење на независноста по Првата светска војна, Црна Гора мора во постоечките геополитички околности рационално да ги согледа сите можности и да донесе одлука што на најпогоден и економски најоправдан начин ќе ги заштити нејзините национални и безбедносни интереси“, се наведува на владиниот профил на „Твитер“.
Тоа, како што е оценето, е особено важно имајќи го предвид регионалниот, но и поширокиот политички, економски и безбедносен контекст.
Протоколот за пристап на Црна Гора е ратификуван во 28, од 29 држави-членки на НАТО. Протоколот треба да го ратификува Шпанија, а во Холандија треба да помине законскиот рок за организирање на евентуален референдум.
Црногорскиот премиер Душко Марковиќ вчера најави дека во наредните денови може да се очекува гласање во Собранието за Протоколот за НАТО. Министерот за одбрана, Предаг Бошковиќ, и министерот за надворешни работи Срѓан Дармановиќ, најавија дека Црна Гора би можела да учествува на Самитот на НАТО во мај како полноправна членка, а формално да биде примена потоа.