Турција, Балкан

Црногорскиот претседател Милатовиќ за АА: Туркије има конструктивна улога на Балканот

Милатовиќ на покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера престојуваше во посета на Анкара, а за АА говореше за посетата и за билатералните и регионални односи

Sümeyye Dilara Dinçer  | 03.12.2024 - Обновена : 03.12.2024
Црногорскиот претседател Милатовиќ за АА: Туркије има конструктивна улога на Балканот Фото: Güven Yılmaz/AA

АНКАРА (АА) - Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, рече дека ја цени конструктивната улога на Република Туркије кон балканските држави и дека Анкара на актуелните политички прашања во регионот пристапува на конструктивен начин, јавува Анадолу.

Милатовиќ на повик на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера престојуваше во посета на Анкара, а за АА зборуваше за таа посета и за билатералните и регионални односи.

Милатовиќ изјави дека му претставува задоволство што е во Анкара и дека неговата посета е одраз на одлични билатерални односи на Анкара и Подгорица.

Тој потсети дека оваа година е одбележана 145-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу Црна Гора и Туркије.

„Црна Гора е мала балканска држава, но нашите културни, историски и економски односи со Туркије се многу интензивни. Туркије ја гледаме како стратешки партнер на Црна Гора. Освен тоа, ние сме сојузници во НАТО. Верувам дека и мојата посета на Анкара е чекор во вистинска насока за понатамошно јакнење на нашите односи“, изјави Милатовиќ.

Тој додаде дека добрите билатерални односи се одраз на доверба и почитување меѓу црногорскиот и турскиот народ и дека тоа се заснова на силните историски и културни врски.

- Активна улога на Туркије на Балканот -

Коментирајќи ја улогата на Туркије на Балканот, Милатовиќ рече дека важната димензија на црногорската надворешна политика се добрососедските односи.

„Многу ја цениме конструктивната улога на Туркије кон балканските држави“, рече Милатовиќ.

Тој понатаму потсети дека Црна Гора влегла во НАТО во 2017 година и дека еден од темелите на надворешната политика на неговата земја е сигурно членство во НАТО-алијансата.

Милатовиќ рече и дека Туркије игра значајна улога во економскиот развој на балканските земји и укажа на инвестициите на Туркије во земјите од регионот, вклучително и во Црна Гора.

- Конструктивен пристап кон политичките прашања на Балканот -

„Постои голема билатерална трговија меѓу Туркије и регионот, вклучително и Црна Гора, и се надевам дека тоа може дополнително да се зајакне. Сметам дека улогата на Туркије, не само во Црна Гора, туку и на Балканот воопшто, се доживува како многу конструктивна улога“, рече Милатовиќ, додавајќи дека Туркије исто така конструктивно пристапува кон актуелните политички прашања во регионот.

Тој го наведе примерот дека Туркије на политичкото прашање на Србија и Косово му приоѓа од слична перспектива како и Црна Гора и дека нивниот однос кон Босна и Херцеговина е ист.

Црногорскиот претседател изјави дека повеќето земји од Западен Балкан се кандидати за членство во Европската Унија (ЕУ).

„Црна Гора е водечка земја во овој поглед. Кога ќе станеме членка на ЕУ, а се надеваме дека Црна Гора ќе може да стане 28-та членка до 2028 година, верувам дека тоа ќе создаде уште една можност за зајакнување на нашата соработка во рамките на Европската Унија. Туркије и Европската Унија се меѓу најголемите трговски партнери, а меѓу Европската Унија и Туркије постои многу важен однос, а Црна Гора е природно поврзана со неа“, рече Милатовиќ.

- Економски односи -

Црногорскиот претседател Милатовиќ изјави дека Туркије е еден од најголемите странски инвеститори во Црна Гора, повикувајќи се на податоците за 2023 година и истакна дека инвестициите значително се зголемиле во последните години.

Тој додаде дека зголемувањето на инвестициите покажува дека Црна Гора има добар имиџ како многу атрактивна и сигурна дестинација меѓу турските инвеститори. Тој смета дека неговата посета на Анкара дополнително ќе ги подобри билатералните односи на сите полиња.

Милатовиќ рече и дека многу турски компании веќе работат во Црна Гора и дека турското претприемништво се развива.

Изјавувајќи дека на крајот на денот сѐ се заснова на доверба и заемно почитување, Милатовиќ рече дека обемот на трговската размена меѓу двете земји е 250 милиони евра.

Црногорскиот претседател истакна дека туризмот е уште еден аспект на економската соработка и дека неговата земја е една од важните дестинации што ги посетуваат турските граѓани.

Тој нагласи дека Туркије е сила на глобалниот туризам.

„Црна Гора е една од десетте најдобри светски дестинации. Сакаме да се гледаме себеси како скапоцен камен на Медитеранот. Многу сме среќни што постои многу интензивна поврзаност меѓу нашите туристички сектори, особено во последните неколку години“, рече шефот на црногорската држава.

Милатовиќ напомена дека добрите билатерални односи зависат и од добрата авиоповрзаност, како и од факторите на доверба и додаде дека компаниите „Туркиш ерлајнс“ и „Еир Монтенегро ерлајнс“ ги поврзуваат двете земји.

- Културни односи -

Осврнувајќи се на културните односи меѓу двете земји, Милатовиќ рече дека е интересен и податокот што според Уставот од 1905 година, Црна Гора е една од првите европски земји што го признале исламот во државата.

„Исламот беше една од религиите официјално признати од црногорската држава, религијата на Црногорското Кралство беше исламот. Причината поради која го споменувам сето ова е да кажам дека и тогаш имавме многу добри работи на кои бевме спремни да се надоврземе“, изјави Милатовиќ.

Toj смета дека културата во суштина е народот и дека Турците кои живеат во Црна Гора и Црногорците кои живеат во Туркије претставуваат природен мост меѓу овие две земји.

Нагласувајќи дека турските ТВ-серии служат како успешни амбасадори на културната интеракција, не само во Црна Гора, туку и во целиот свет, Милатовиќ на крајот од разговорот заклучи дека Република Туркије ја гледа како стратешки и доверлив партнер и пријател.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.