Dzihat Aliju
21 Декември 2017•Ажурирај: 22 Декември 2017
ГОСТИВАР (АА) - Турскиот вицепремиер, Хакан Чавушоглу, истакна дека тоа што луѓето кои имаат различен идентитет, култура и иднина живеат заедно на братски и пријателски начин, всушност е најдобрата порака што може да се упати до светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу по церемонијата во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, даде изјава за медиумите во која нагласи дека тоа што луѓето кои имаат различен идентитет, култура и иднина живеат заедно на братски и пријателски начин, всушност е најдобрата порака што може да се упати до светот.
„Во регионот има и такви кои сакаат да го нарушат ова братство, ова спокојство. Борбата против ФЕТО е многу значајна. Обидот за државен удар на 15 јули не е обид кој ја таргетира само Турција. Земјата каде што оваа организација врши активности е всушност под закана и ризик. ФЕТО е всушност динамит под земјата каде што организацијата врши активности. Ние како држава ја вршиме нашата човечка должност. Доживеавме едно горчливо искуство. Поради човечката должност ги предупредуваме сите власти во земјите каде што организацијата изведува активности. Кога еден ден ќе експлодира овој динамит, нема да најдете држава за да ја одбраните и заштитите“, пренесе Чавушоглу.
Турскиот вицепремиер упати препораки до земјите каде структурата на ФЕТО врши активности, и рече: „Кај нас има стотици (судски) предмети, досега откриени се илјадници докази во овие предмети, ако ништо не правите, земете ги овие докази и разгледајте ги. Во училиштата на ФЕТО во Турција видовме дека се направени тајни простории, видовме дека се направени коридори за премин во други соби каде биле одржувани состаноци за терористички активности. Ова не беше само во едно или две училишта, туку во повеќе училишта. Затоа, треба да се покаже сериозна борба против оваа организација овде“.
Чавушоглу пренесе дека окупаторската иницијатива на терористичката организација ФЕТО е елиминирана откако народот излезе на улиците со повикот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. „Според нас, опасноста од оваа организација сѐ уште продолжува во тие земји каде што спроведува активности. Ние ќе ги предупредуваме нашите братски и пријателски земји, и ќе очекуваме тие да размислат и да ги направат потребните чекори“, додаде тој.
Во врска со прашањето за вестите околу атентаторскиот тим на ФЕТО во Македонија, Чавушоглу истакна: „Ова се вести содржани во неколку весници, ние со почитуваната амбасадорка направивме иницијативи на ниво на македонската влада, на државните власти. Македонската влада ги прави потребните истраги во врска со тоа колку се вистинити тие вести“.