Admir Fazlagic
06 Јануари 2017•Ажурирај: 07 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот христијански празник Божиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ваше Блаженство, дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да ви го честитам големиот христијански празник – Божиќ. Во деновите кои следат ќе го славиме животот, семејството и новите почетоци. Ова е период од годината кога во духот на Евангелието треба да пронајдеме сили и да ги надвладееме суетите и искушенијата, простувајќи си едни на други“, стои во честитката на претседателот Иванов.
Меѓу другото, претседателот Иванов изразува надеж дека граѓаните ќе градат општество на почитување и меѓусебно уважување едни кон други.
„Верувам дека Македонската православна црква, како најголема христијанска заедница во Република Македонија, и во иднина ќе ја исполнува својата улога во нашето општество, ширејќи ја пораката за простување, помирување и за сплотување. Ако сакаме да градиме општество на почитување и на достоинство, треба да научиме да подадеме рака и да го отвориме срцето со искреност и доверба едни кон други“, се вели во честитката на претседателот Иванов.
„Ваше Блаженство, од првиот ден на Божиќ, нашиот заеднички пат да биде вербата во Бога, почитувајќи ја и препознавајќи ја искреноста и доброљубието во нас. Честитајќи Ви го големиот христијански празник, Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите граѓани кои го прославуваат празникот им порачувам со отворено срце да ја прославиме радосната вест за раѓањето на Господ Исус Христос“, вели Иванов.
Освен претседателот Иванов, честитки по повод празникот Божиќ упатија и претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и бројни други државни фунцкионери и политички претставници во земјава посакувајќи мир, радост, среќа и благосостојба на граѓаните.