Admir Fazlagic
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Брисел учествуваше на конференција за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, посветена на проширувањето на Унијата, интеграцијата и предизвиците од трансформацијата на земјите од регионов, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за одбрана на Република Македонија соопшти дека на Самитот министерката Шекеринска зборувала на првата сесија насловена како „ЕУ-Западен Балкан: сѐ уште комплицирано“.
Како што се соопштува, Шекеринска, обраќајќи се пред присутните, рекла дека во политиката во регионов премногу долго се користел изговорот дека прашањата се комплицирани.
„Така беше и со односите на Македонија со Грција и со Бугарија, но ние наместо да се оправдуваме дека е комплицирано, работевме да ја смениме „статус кво“ ситуацијата. Успеавме да го решиме тридеценискиот спор поради лидерството и храброста од двете страни“, рече министерката.
„Ова лето не само што го склучивме Договорот со Грција, туку и го ратификувавме во нашиот Парламент. Во моментов ја премостуваме и втората пречка за негово спроведување. Парламентот во два наврати веќе гласаше за уставните измени. Направивме напори за спроведување на успешен процес и решени сме да имаме успешна завршница“, подвлече министерката Шекеринска.
Таа истакна дека членството во ЕУ не е само да се пополнат графите за бараните услови, туку дека е всушност трансформација на општеството.
„Вистинската трансформација во повеќето земји од Централна и Источна Европа се одвивала за време на пристапниот процес. Значи, она што го бара Македонија е да почне тој процес на преговори“, нагласи таа.
Во рамки на работниот престој во Брисел, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, синоќа имаше работна вечера заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и со амбасадорите на НАТО, а за утре е предвидена средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
На средбата ќе биде направен пресек на состојбите во евроинтегративните процеси и на актуелните прашања во земјава.