Agim Sulaj
09 Октомври 2020•Ажурирај: 10 Октомври 2020
ПРИШТИНА
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, реализира официјална посета на Косово во чии рамки се состана со високите претставници на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска во Владата го прими на средба грчкиот министер со кого разговараше за политичките настани во земјата, продлабочувањето на соработката меѓу двете земји, особено во економската област, како и за процесот на финалниот дијалог меѓу Косово и Србија, кој треба да заврши со меѓусебно признавање.
Според соопштението на Кабинетот на косовскиот премеир, по средбата Хоти и Дендиас ветија продлабочување на економската соработка меѓу Косово и Грција, особено во областа на енергетиката.
„Поддржувачката улога на Грција за Косово е многу важна, бидејќи е земја членка на ЕУ и НАТО, за кои Косово аспирира да биде нивни дел“, рече Хоти.
Шефот на грчката дипломатија упати благодарност до Хоти за овој пречек, нагласувајќи дека Грција останува посветена да му помогне на Косово во евроатлантскиот пат, како и во натамошното збогатување на економската соработка меѓу двете земји.
По средбата со Хоти, Дендиас се состана и со неговата косовска колешка Мелиза Стубла-Харадинај, која нагласи дека се гради многу силен темел во функција на изградба на нивната аспирација, која, според неа, оди кон признавање.
„Грција како земја членка на ЕУ и земја во нашиот регион, постави висок стандард на политичка конструктивност одржувајќи мошне практичен дијалог со Косово и поддржувајќи ја нашата држава на патот на евроинтеграција“, рече Стубла-Харадинај по средбата со грчкиот министер.
Косовската министерка рече дека Косово и Грција ги поврзува и заедничкото пријателство со САД и е исклучителен елемент во изградбата и консолидацијата на силните темели на нивните односи.
Дендиас исто така се состана и со претседателката на косовскиот Парламент, Вјоса Османи, но не и со претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој моментално не е во Косово.