Tuba Şahin
23 Август 2018•Ажурирај: 24 Август 2018
АНКАРА (АА) - Откако ќе ја напушти Европската Унија (ЕУ), британската Влада ќе се посвети кон поблиска соработка со турската Влада за развивање билатерален договор за слободна трговија.
„Јасно е дека во иднина постојат можности за продолжување и зајакнување на нашите трговски односи, откако Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија и ќе воспостави независна трговска политика“, изјави Крис Гаунт, претседател на Британската стопанска комора во Турција за Anadolu Agency (АА).
Турција има за цел да ги зајакне трговските и економските односи со Велика Британија во периодот по Брегзит, како дел од 100-дневниот акционен план на земјата, објавен по победата на Партијата за правда и развој (AK Parti) на изборите во јуни.
„Ние го поздравуваме секој план за зајакнување на односите меѓу нашите две земји“, истакна Гаунт.
Укажувајќи на силната и растечка трговска размена меѓу двете земји во вториот квартал од оваа година, Гаунт нагласи дека обемот на трговска размена на стоки и услуги се зголемил за 14,6 отсто за период од една година, на 18,2 милијарди фунти (23 милијарди долари).
„Овој износ е поголем од поставената цел (за трговската размена) од 20 милијарди долари објавена од претседателот Ердоган при неговата средба со премиерката Тереза Меј (во јануари), но може да биде и поголем со понатамошно зголемување на обемот на трговија и инвестициите, со промовирањето на трговија без тарифи и бариери, како и со зголемено ниво на финансирање на извозот“, вели тој.
Гаунт додава дека трговските односи во третиот квартал може да се зајакнат преку инвестиции во здравството, одбраната и енергетскиот сектор, и преку соработка во инфраструктурните инвестиции во трети земји.