Senada İbraimova
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Комората на трговци денес одржа прес-конференција на темата „Инфраструктурата на пазарите, првенствено на Битпазар, проблемот со дивите продавачи, законот за зелените пазари, политичката криза и нејзините последици врз работата на пазарите“. Беше истакнато дека пазарите во Македонија, уште од осамостојувањето до денес, се цел на секоја влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Комората на трговци е формирана како здружение во 2005 година, со цел да се застане во одбрана на интересите на пазарџиството како професија во државата.
Претседателот на Комората на трговци, Екрем Долек, изјави дека и покрај тоа што се преземаат активности во насока на заштита на оваа професија, и понатаму продолжуваат малтретирањата и омаловажувањата.
„Почнувајќи првенствено од инфраструктурата на пазарите што сега владее во Македонија и законските прописи, кои налагаат како треба да изгледа еден зелен пазар, инспекциските служби денес слободно можат да стават клуч на сите пазари во државата“, нагласи Долек. Тој додава дека Комората започнала иницијатива за изградба, реновирање и приспособување на пазарите, почнувајќи од Битпазар, според ХАССП стандардите што ги има Република Македонија во законска форма, но оти од 2005 година досега немаат одговор за нивната иницијатива.
Долек пренесе дека се информирани оти општина Чаир има подготвено градежна дозвола за да ја предаде на инвеститорот Скопски пазар, и упати апел до инвеститорот да започне со оваа изградба, притоа придржувајќи се до договореното од 2010 година, односно да се изгради Битпазар, да се продолжи со изградбата на Зелениот пазар и да се комплетира изградбата на пазарот Буњаковец.
„Очекуваме во најбрз можен рок, под итно, без одложување да се почне со реализацијата на овој проект, инаку пазарџиите веќе не можат да трпат ваква анархија и вакви никакви услови“, вели Долек. Тој истакнува дека условите на пазарите се крајно несоодветни и нехумани. Како што рече, одземени им се сите права на пазарџиите. Тој вели дека особено во зимскиот период, пазарџиите се соочуваат со големи тешкотии при својата работа.
Исто така, Долек посочи на проблемот со дивите продавачи. Според него, нерегистрираните пазарџии ја претворија Македонија во 'диво пазариште'. Од друга страна, вели тој, регистрираните пазарџии плаќаат данок на државата, закуп за тезга, немаат осигурување и пензиски стаж, а сепак се под притисоци на инспекциските служби.
Долек рече дека ситуацијата со пазарџиите е хаотична, затоа што тие немаат пари да си ги платат закупите. Тој упати апел до идната влада да го реши овој горлив проблем, односно да донесе законско решение за зелените пазари во насока на нивните предложени точки, бидејќи, како што нагласи, не само пазарџиите, туку и другите засегнати мали бизниси од чаршијата, како што се таксистите и еснафите „нема повеќе да ја толерираат оваа ситуација и ќе излезат на улица од глад“.
Во Македонија има околу 25.000 регистрирани, а околу 50.000 нерегистрирани пазарџии.