Admir Fazlagic
11 Ноември 2016•Ажурирај: 12 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на конференцијата „Перспективи 2016" денеска во Скопје се одржа дискусија на тема „25 години независна Република Македонија - Што научивме за македонската економија, како понатаму?", на која учесниците беа едногласни дека во Македонија е потребен консензус за нејзините клучни столбови независно од влијанието на политиката, како и дека во образованието се потребни суштински реформи за да се одговори на предизвиците на денешното време и потребите на пазарот на трудот, јавува Anadolu Agency (AA).
Економистот Зоран Јовановски, кој ја отвори конференцијата во своето воведно излагање рече дека темата за која се дискутира се наметана сама по себе, по 25-те години независна Македонија.
Според него важно е да се погледне во минатото, за да се направат добри стратегии за иднината. Јовановски истакна дека во тој контекст се важни два апсекти, долгорочноста и потребата од градење консензус за клучните прашања во државата.
„Денешната конференција фокусот го става на долгорочните економски прашања, кои се стратешки важни за иднината бидејќи произведуваат дологорочни последици. Вториот аспект е потреба од градење консензус за нејзините клучни столбови. Јас ова го нарекувам исцртување на црвени линии за македонска екномија. Сè што ќе ставиме под црвените линии треба да биде долгорочен стратешки економски интерес на државата, независно кој е власт кој опозиција, тоа да биде нешто што нема да зависи од политичкото секојдневие. На тој начин преку ваков консензус сите заедно ќе создадеме услови за постабилна и попредвидлива економија", истакна Јовановски во своето излагање.
Според Никица Мојсовска, професор на универзитетот „Американ Колеџ" во Скопје во Македонија недоволно се разговара за визија за економската состојба. Таа вели дека постои потреба од свеснот дека се наоѓаме на прагот на четвртата индистриска револуција, што значи дека ќе дојде до големи промени, било во начинот на работење, било во начинот на живеење, како и начинот на растот на економиите.
„Едни велат дека ќе има губење на работни места и дека роботите ќе ни ги земат работните места,а другите велат дека има неограничени можности за раст на економиите. Јас би сакала да сме во оваа втора група", рече Мојсовска. Според неа највеќе мора да се работи на полето на образовнието каде се потребни суштински реформи со цел да се одговори на потребите на современото живеење и потребните на пазарот на трудот.
„Веднаш мора да се почне со реформи, за да го фатиме чекорот, почнувајќи од образованието кое што воопшто не одговара на новите системи или парадигми на раст и секако создавање на еден сектор во економијата којшто е иновативен кој ќе биде технолошки воден. За сега, она што го имаме во нашата економија е преовладување на традиционалните сектори, работиме на развивање на еден паралелен систем, иновативен, кој во иднина ќе овозможи да ги апсорбира работните места од традиционалните сектори", смета Мојсовска.
Таа истакна дека според статистиката 65 отсто од децата кои се запишале во основното образование во иднина ќе работат на работни места кои денеска не постојат. Според универизетскиот професор Марјан Петревски во изминатите 25 години македонската економија претрпе успони и падови и беше погодувана од екстерни шокови.
„Секогаш кога економијата земаше залет беше погодена од некој надворешен шок и тој залет беше прекинат. Сега ни е потребен економски модел по кој треба да се развива нашата економија. На среден до долг рок клучно за македонската економија е да може да ги поврзе странските фабирики кои што донесуваат повисока технологија, поинакви вештини на управување и лидерство со домашните компании кои треба да го подобрат својот продуктивен капацитет, да ја подигнат технолошката граница и тие да бидат носители на растот а не странските фабрики, но тоа треба да биде потпомогнато со политики на Владата", истакна професорот Петревски.
Во рамките на конференцијата ќе се дискутира за економски политики, ризиците и предизвиците кои ги носи македонската економија, за одржливоста на растот, за тоа како да се надминат постојните ограничуувања, како и за процесот на преструктуирање на македонската економија.
Инаку, конференцијата се одржува во организација на магазинот „Економија и бизнис".