Mücahithan Avcıoğlu
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Американскиот гигант за спортска опрема „Најк“ соопшти дека ќе отпушти 1.400 работници на глобално ниво како дел од промените на својот тим за глобални операции, при што најмногу ќе биде погоден секторот за технологија, јавува Анадолу.
Во пораката упатена до вработените, главниот оперативен директор Венкатеш Алагирисами наведе дека компанијата е во „последната етапа“ од стратегискиот план „Победи сега“, чија цел е зајакнување на деловниот модел.
„На ниво на цела компанија преземаме решителни чекори за да ги зајакнеме нашите основи, да го прецизираме начинот на кој се натпреваруваме на пазарот и да изградиме модел дизајниран да овозможи долгорочен и профитабилен раст“, истакна тој.
Од компанијата велат дека промените ќе се спроведуваат во текот на претстојните недели и тоа ќе влијае врз структурите на тимовите, локациите за работа и бројот на вработени бидејќи се настојува операциите да станат побрзи, поедноставни и попрецизни.
„Овие кратења се многу тешки за колегите што директно се погодени, како и за тимовите околу нив“, вели Алагирисами.
Од „Најк“ велат дека го реструктурираат технолошкиот сектор со цел да создадат поефикасни тимови, да го консолидираат своето присуство и да се фокусираат на два главни центра: седиштето во Бивертон, Орегон и технолошкиот центар на „Најк” во Индија.
Промени се најавени и за погоните за производство на иновациите „Аир“ во Бивертон, Сент Луис и во Виетнам, истакнувајќи дека нивото на кадар ќе биде приспособено за подобро усогласување со потребите на бизнисот и за зголемување на ефикасноста.
Дополнително, велат дека дел од производствените и инженерските ресурси за обувките на „Конверс” ќе бидат преместени поблиску до фабричките партнери, а погоните со материјали ќе ги адаптираат со своите тимови во синџирот на снабдување.
Од компанијата велат дека мерките се дизајнирани, со цел да се намали комплексноста, да се подобри брзината на дејствување и да се зајакнат темелите на компанијата за иден раст.