ИЗМИР
- Ебру Шенѓул ЏЕВРИОГЛУ
Република Турција води оправдана борба за рамноправен пристап до енергетските ресурси во Источен Медитеран, а силата во таа борба ја црпи од меѓународното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турција на 21 јули најави дека во новите истражувања на нафтените и гасните ресурси во тој регион ќе го ангажира сеизмичкиот истражувачки брод МТА „Оруч Реис“, што предизвика интензивирање на расправата за истражувањата и поморските граници, со занемарување на Турција која има најдолг брег во тој регион.
Експертите тврдат дека хидрокарбонските истражувања на Турција во Егејското Море и Средоземното Море се во согласност со меѓународните правни норми и дека копнениот брег е основа при утгврдувањето на епиконтиненталниот појас во која крабрежните држави остваруваат суверени права на истражувања и искористување на природните богатства.
Директорот на Институтот за истражување на енергетски права, Сулејман Бошча, за АА изјави дека крајбрежните држави имаат загарантирано право над епиконтиненталниот појас и дека нема потреба тоа право посебно да го истакнуваат или оправдуваат.
Бошча потсети дека според меѓународното право, секоја крајбрежна држава има ексклузивен економски појас во морето кој од границите на внатрешните морски води се шири во длабочина од 200 морски милји.
Тој исто така рече дека според меѓународното поморско право, при решавањето на споровите во врска со границите на поморскиот појас, предвид се земаат билатералните договори на крајбрежните земји и меѓународните практики.
„Земањето на брегот како основа при склопувањето на Договорот за ексклузивен економски појас меѓу Италија и Грција од јуни 2020 година подразбира дека грчките острови не поседуваат право на епиконтинентален и ексклузивен економски појас. Според моменталната ситуација, грчките острови се третираат како природно продолжение на територијата на Турција и во такви случаи, според меѓународната практика, не може да се зборува за епиконтинентален појас. Доколку земеме предвид и дека Меѓународниот суд на правдата, при утврдувањето на епиконтиненталниот појас наложува да се применува принципот на правдата, тогаш е јасно дека третирањето на грчките острови како дел од епиконтиненталниот појас на Грција претставува кршење на тој принцип. Паралелно со тоа, тоа е спротивно и со одредбите на Договорот од Лозана кој на Турција и Грција им дава подеднакви права на искористување на Егејското Море“, наведе Бошча.
Потсетувајќи дека Турција и Либија неодамна потпишаа Договор за разграничување на поморската надлежност и дека на 27 февруари до Обединетите нации се доставени географските координати во врска со епиконтиненталниот појас, Бошча рече дека со тие координати на турска нафтена компанија ѝ е дадена лиценца за дополнителни нафтени полиња, меѓу кои и она во кое истражувања врши бродот „Оруч Реис“.
„Турција не направи никаков прекршок во однос на меѓународната конвенција и меѓународните норми, а реакцијата на Грција е спротивна на меѓународното право“, рече Бошча
- Биреселиоглу: „Грција се однесува спротивно на Конвенцијата на Обединетите нации за морските права“
Шефот на Катедрата за одржлива енергетика на Економскиот универзитет во Измир, Мехмет Ефе Биреселиоглу, исто така рече дека турскиот сеизмички истражувачки брод MTA „Оруч Реис“ не го прекршил ексклузивниот економски појас на Грција во рамките на границите на епиконтиненталниот појас на ОН.
Нагласувајќи дека изјавата на грчките официјални лица за епиконтиненталниот појас, со истакнување на грчките острови, не е втемелена во меѓународното право, Биреселиоглу рече дека Грција, како потписничка на Конвенцијата на Обединетите нации за морските права (UNCLOS), е должна да ги почитува начелата на праведна распределба. Тој додаде дека во тој контекст треба предвид да се земе и големината и оддалеченоста на островите од главното копно на Грција.
„Морското подрачје во кое кај островот Кастелоризо се наоѓа бродот „Оруч Реис“ од грчкото копно е оддалечено 580 километри, а од Турција е оддалечено само 2 километри. Грчките тврдења за епиконтинентален праг кој опфаќа десетина илјади километри квадратни во потполност се во спротивност со начелата на Конвенцијата на Обединетите нации за морските права за правичност, чиј потписник е и Грција“, рече Биреселиоглу.
Истакнувајќи дека ставот на Турција во тој случај е потполно исправен, Биреселиоглу рече дека Конвенцијата на Обединетите нации за морските права јасно наложува дека обврските кои произлегуваат од тој документ, се извршуваат по принципот на добронамерност и дека правата од тој документ се користат без злоупотреба.
Тој рече дека во тој контекст, невозможно е од Турција да се очекува да ги прифати границите, кои во спротивност со начелото за добронамерност, се цртаат преку осторвот кој е во непосредна близина на турското копно.
- Акјенер: „Турција е во право од правен аспект“
Директорот на Центарот за истражување на енергетски стратегии и политика на Турција (TESPAM), Огузхан Акјенер, исто така рече дека одредувањето на епиконтиненталниот појас врз база на островчиња, кои се оддалечени од главното копно, претставува кршење на меѓународното право.
Истакнувајќи дека должината на континенталната рамнина, оддалеченоста од централното копно и географската положба се главни критериуми при утврдувањето на епиконтиненталниот појас, Акјенер рече дека во рамките на меѓународното право, тврдењата на грчките власти воопшто не се релевантни.
Акјенер посочи дена грчките тврдења за нивниот епиконтинентален појас околу оддалечените острови воопшто не се одржливи.
„Постојат многу договори и одлуки кои се базирани врз меѓународното право, како што е и договорот меѓу Грција и Италија, Велика Британија и Франција, Никарагва и Колумбија, Либија и Малта, Тунис и Италија и Папуа Нова Гвинеја и Австралија. Сите тие договори со својата содржина ги поддржуваат аргументите и барањата на Турција“, рече Акјенер.
Укажувајќи на релевантните иницијативи и декларации кои се донесени под покровителство на ОН, Акјенер рече дека на Грција може да не ѝ се допаѓаат турските активности и истражувања, но од правен, воен, економски или политички аспект, не може да направи ништо.
„Турција со сигурност никогаш нема да се откаже од своите права, ниту ќе дозволи да им бидат загрозени правата на нејзините соседи, како Либија. Турција во секоја смисла е најсилна земја во регионот, а во право е и од правен аспект“, заклучи Акјенер.