Diyar Güldoğan
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Преговарачите од Европскиот парламент и државите членки на Европската Унија (ЕУ) се приближуваат до договор за законодавството поврзано со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, изјави денес главниот преговарач на Парламентот, Бернд Ланге, јавува Анадолу.
По втората рунда тријалог-преговори со владите на ЕУ, Ланге во соопштение истакна дека дискусиите донеле „добар напредок“, особено во прашањата поврзани со заштитните механизми и процесот на ревизија на предложените регулативи.
„Штотуку заклучивме конструктивен втор тријалог за време на кој постигнавме добар напредок по прашањето за заштитниот механизам и ревизијата и евалуацијата на главната регулатива, но има уште пат пред нас“, изјави тој.
Додаде дека преговарачите ќе продолжат да работат „експедитивно и одговорно“ за да осигурат дека се почитуваат и „буквата и духот“ на договорот од Тарнбери, притоа придржувајќи се до демократските процедури и законодавните рокови на ЕУ.
Следната рунда преговори се закажани за 19 мај во Стразбур.
Предложеното законодавство произлегува од трговскиот договор од Тарнбери меѓу ЕУ и САД, постигнат на 27 јули 2025 година во Тарнбери, Шкотска, меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Договорот, подоцна детално опишан во заедничката изјава објавена минатиот август, се фокусираше на намалување на царините и поширока трговска соработка меѓу САД и ЕУ.
За спроведување на одредбите за царините, Комисијата на 28 август претстави два законодавни предлога.
Едниот предлог би овозможил преференцијален пристап за одредени американски стоки што влегуваат на пазарот на ЕУ, додека вториот би го продолжил режимот со нулта царина за увоз на специфични производи од јастог.
Европскиот парламент го усвои мандатот за преговори со Советот на 23 март.