Muhammed Ali Gürtaş
31 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
АНКАРА (АА) - „Извозот на Турција во земјите од Европската Унија (ЕУ) покажа годишен пораст во периодот од јануари до април од 21,5 отсто“, објави денес Статистичкиот завод на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
ТуркСтат (TurkStat) истакнува дека извозот на Турција во четиримесечниот период во земјите членки на ЕУ изнесува 51,5 отсто, достигнувајќи 28,4 милијарди долари, додека увозот од 28-те земји членки на ЕУ изнесувал 30,3 милијарди долари, што претставува зголемување од 23,3 отсто на годишно ниво.
Германија е главен извозен пазар за Турција со вредност на извозот во истиот период од 5,6 милијарди долари, по што следуваат Обединетото Кралство (3,5 милијарди долари) и Италија (3,4 милијарди долари).
Најголемите три земји партнери на Турција за увоз во периодот јануари - април се Русија (7,9 милијарди долари), Кина (7,8 милијарди долари) и Германија (7,4 милијарди долари).
Официјалните податоци покажуваат дека вкупниот извоз на Турција во наведениот период изнесува околу 55 милијарди долари, што претставува раст од 8,6 отсто за период од една година, а увозот порасна за 20,8 отсто и изнесува 82,5 милијарди долари.
Надворешниот трговски биланс покажа дефицит од 27,4 милијарди долари во периодот од јануари до април, што претставува годишен пораст од 56,2 отсто.
Во четиримесечниот период, со реализиран најголем извоз беше турскиот сектор за возила и нивни делови - со исклучок на железничкиот или трамвајскиот возен парк - со вкупно 9,3 милијарди долари.
Земјата остварила најголем увоз во периодот јануари - април на минерални горива, минерални масла и производи од нивната дестилација, со вкупна вредност од 13,4 милијарди долари.
ТуркСтат истакнува дека производите од преработувачката индустрија сочинуваат 93,8 отсто од вкупниот извоз во истиот период, додека пак репроматеријалите заземаат прво место во увозот со 75,9 проценти.
Турскиот извоз го достигна својот врв во 2014 година со 157,6 милијарди долари, а до тој износ се приближи минатата година, со речиси 157 милијарди долари.
Во текот на изминатите пет години најголем дел од увозот покриен со извозот беше забележан во 2016 година со 71,8 отсто, додека надворешниот трговски дефицит на земјата се намали од 99,8 милијарди долари во 2013 година на 76,8 милијарди долари минатата година.