Bekim Laci
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одбележа 31. октомври – Светскиот ден на штедењето, при што беше истакнато дека штедењето и неговата стимулација зазема значајно место во бизнис политиките на банките и штедилниците, но важен е иновативниот пристап со нови понуди за клиентите, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред присутните претставници од банките, министерот за финансии на Македонија, Драган Тевдовски, го цитираше американскиот претседател Бенџамин Франклин, кој истакнал: „Ако сакате да се збогатите, мислете на штедењето колку што мислите на профитот“.
Тевдовски нагласи дека штедењето претставува предуслов за економски развој и за стабилноста на финансискиот систем, бидејќи има најевтини трошоци за финансирањето на домашната економија, и додаде дека странскиот капитал има повисоки трошоци, а пак највисоката стапка на заштеди носи повеќе инвестиции, и овие претставуваат еден катализатор за економијата.
„Според последните податоци, вкупните депозити на граѓаните во банките изнесуваат 222 милијарди денари, а околу 80 милијарди денари е сумата што ја имаат фирмите на сметка во банките. Добро е што со завршувањето на политичката нестабилност, според податоците до крајот на септември, имаме годишна стапка на раст на штедењето, и на фирмите и на населението, од околу 6 проценти“, рече Тевдовски.
Министерот Тевдовски истакна дека 60 отсто од депозитите во денари зборуваат за довербата што ја имаат граѓаните во домашната валута, а заслугите за тоа, како што рече, припаѓаат на монетарната политика на Народната Банка.
Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, истакна дека штедењето е значаен елемент во банкарскиот систем, бидејќи депозитите се темел на финансирањето на банкарскиот систем на Македонија.
Богов нагласи дека е потребно дополнително да се работи на тоа да се задржи довербата на граѓаните во банките, бидејќи, како што додаде тој, банките работат со пари што граѓаните им ги доверуваат.
Зборувајќи за предизвиците на системот на штедење, Богов го спомна она што го нарече „четврта индустриска револуција“, која е поврзана со дигиталната револуција којашто сега го зазеде своето место во сите сфери на животот, па така пополека и во банкарскиот сектор.
„Во банкарскиот сектор на големо се зборува за иновации, за финансиски иновации, Финтек и Биг Дата, и сето тоа наметнува одредени предизвици за нашите банки. Сето тоа бара приспособување на банките, приспособување на новото време и воведување нови технологии, но исто така, тоа наметнува и потреба од менување на делот од тековните модели на банките. Новите технологии не треба да се сфатат како закана, туку како можност, Тие се нешто што не може да се избегне и колку побрзо банките се вклучат во имплементацијата на новите технологии во соработката со нови финтек компании, толку подобро ќе одговорат на новите предизвици и на конкурентската борба којашто претстои“, рече Богов, кој додаде дека Финтек сега влегол во платежната инфраструктура, поради што верува оти во наредните 10 години ќе има платежна инфраструктура којашто е незамислива од оваа временска перспектива, па затоа подготвувањето треба да биде максимално.
Светскиот ден на штедењето е востановен на 31 октомври 1924 година во Милано, Италија, на првиот конгрес на штедењето, на којшто учествуваа 29 земји.