економија

Македонскиот челик под закана од мерките на ЕУ за ограничен увоз

Здружението за металургија при Стопанската комора денеска одржа прес-конференција на која побара Македонија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничен увоз на челични производи

Ivana Ramadanova  | 10.04.2018 - Обновена : 11.04.2018
Македонскиот челик под закана од мерките на ЕУ за ограничен увоз (Foto: Ivana Ramadanova/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Здружението за металургија при Стопанската комора денеска одржа прес-конференција на која побара Македонија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничен увоз на челични производи, бидејќи, како што информираа оттаму, не претставува закана за нивните пазари, ниту може на каков било начин да ги загрози, јавува Anadolu Agency (AA).

Според претседателот на Здружението за металургија Митко Кочовски, заштитните мерки кои ги најавува Европската Унија, иако навидум се чинат како неповрзани, сепак се јавуваат како рефлексија на ограничувањата кои претходно ги воведуваат САД за увоз на челични производи, апелирајќи до македонската економска дипломатија максимално да се заложи во овој правец и сериозно да укаже на последиците од овие мерки за развојот на македонското национално стопанство.

„Извозот на македонските челични производи е 256.000 тони или само 0,87 отсто од вкупниот увоз во ЕУ. Повторно истата констатација дека ниту на еден начин извозот на македонските челични производи во Унијата не претставува фактор за дестабилизација на нејзиниот пазар. Со силна аргументација дека извозот на челични производи од Македонија се врши по нормални пазарни цени, а не по дампинг-цени, на ниту еден начин не ги нарушуваме нормалните пазарни принципи“, истакна Кочовски.

Претседателот на Здружението за металуригија при Стопанската комора на Македонија истакна дека најавените мерки претставуваат сериозна закана за металургијата, како индустриска гранка со голем импакт врз македонската економија, изразен како преку директните, така и преку мултипликативните ефекти што ги има врз целокупната национална економија.

Меѓу другото, Кочовски потенцираше дека освен заштитата од увоз на одредени челични производи, дополнителен удар е и мерката на ЕУ за ограничен извоз на старо железо.

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 лица, но покрај нив индиректно од мерките на САД и ЕУ ќе бидат погодени 15.000 ангажирани во поврзаните дејности. 

Како што рече Кочовски, годината почна многу добро, пазарот заживеа и цените беа добри, но сега индустријата е соочена со еден од најголемите предизвици досега, кој може да биде фатален за македонската економија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın