Мегапроекти: Во Турција до 2019 година систем за наводнување на повеќе од милион хектари
Директорот на Управата за развој на областа Југоисточна Анадолија (ГАП), Садретин Карахоџагил за АА кажа дека ГАП е еден од најголемите развојни проекти на денешницата во светот?????
05 Ноември 2015•Ажурирај: 08 Ноември 2015
ШанлиурфаТурција бележи константен тренд на зголемување на инвестициите за реализација на големиот развоен проект на Југоисточна Анадолија (ГАП), кој опфаќа и наводнување на површините во споменатиот регион, а планирано е до 2019 година системите за наводнување да бидат активирани на површина од милион хектари, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Управата на ГАП, Садретин Карахоџагил за АА кажа дека ГАП е еден од најголемите развојни проекти на денешницата во светот, во рамките на кој се градат бројни хидроцентрали, индустриски зони, зајакнување на образовните и сите инфраструктурни ресурси во регионот.
Нагласувајќи дека наводнувањето на неплодните површини и претворањето на истите во плодно земјоделско земјиште е важен составен дел на ГАП, Карахоџагил рече дека целта е системите за наводнување во 2019 година да бидат активирани на површина од над милион хектари и додаде дека тоа е тешка задача но остварлива со оглед на трендот на пораст на инвестициите од буџетот и напредување на работата на терен.
„Моментално во Југоисточна Анадолија наводнуваме скоро 440.000 хектари. Завршивме најголем дел од инфраструктурните работи за наводнување на уште милион хектари. Изграден е главниот канал за наводнување кој е долг 900 километри, а покрај него се поставени и собирни базени и главни резервоари за напојување на земјоделските полиња. Моментално водоводна мрежа се поставува на површина од 170.000 хектари. Се надеваме дека во 2019 година ќе имаме над милион хектари наводнувана површина“, рече Карахоџагил.
Истакнувајќи дека за процесот на наводнување досега од буџетот се потрошени над 1,25 милијарди турски лири (403 милиони евра), Карахоџали рече дека е најавено и зголемување на вложувањата во таа област бидејќи се покажало дека таквите проекти можат за краток рок значително да го забрзаат развојот на сите други гранки на стопанството и да го подобрат животниот стандард на луѓето.
„Проектот за наводнување е своевиден носител на развојот. Тој ги унапредува сите гранки од стопанството, но и носи хидроенергенти. Тоа не е само носење вода до полињата, туку создавање можности за зголемување на производството на сите прехрамбени и други суровини. Сето тоа носи нови работни места, односно благосостојба во животот на луѓето“, заклучи Карахоџагил.
ГАП е сеопфатен програм за одржлив економски и социјален развој со кој Турција стана пример во таа област во светот. Станува збор за повеќе десетина милијарди инфраструктурни вложувања кои имаат за цел регионот на Југоисточна Анадолија да го претворат во просперитетен. Се работи за девет турски провинции Адијаман, Батман, Дијабакир, Газиантеп, Килис, Сиирт, Шанлиурфа, Мардин и Ширнак, кои лежат во долините на реката Еуфрат и Тигар.