Zülfiya Yakup
01 Октомври 2016•Ажурирај: 02 Октомври 2016
ПРИШТИНА (АА) - Управниот одбор на извршните директори на Светската банка, денес во Вашингтон одобри кредит во вредност од 22 милиони евра за Проектот за снабдување со вода и заштита на каналите во Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новиот проект има за цел реконструкција на главниот водоводен канал на Косово, Ибарскиот канал, во својот оригинален капацитет. Тоа ќе обезбеди посигурно снабдување со вода и подобар квалитет на вода за околу 500.000 лица кои живеат во сливот на главниот канал во централно Косово, и ќе биде поддршка на економскиот и општествен развој, соопштено е од Канцеларијата на Светската банка во Косово.
Елен Голдштајн, директорката на Светската банка за Косово и координаторка за Југоисточна Европа, изјави дека подобрувањето на сигурното снабдување со вода и квалитетот на вода во централно Косово е важен елемент на општата стратегија на Владата за промоција на социо-економскиот развој и заштита на основните природни ресурси.
Каналот е систем за пренесување на вода за повеќе намени, да обезбеди вода за потребите за производство на енергија, за рудниците, индустриите, земјоделството и за домаќинството. Централно Косово, вклучувајќи го и главниот град Приштина, речиси во потполност зависи од овој канал за исполнување на потребата од вода. Ибарскиот канал е изграден во 1970 година и неговата инфраструктура е оштетена со текот на годините.
Марко Мантованели, менаџерот на Светската банка за Косово, изјави дека водата преку Ибарскиот канал ќе биде почиста, побезбедна и од голема корист за урбаната и руралната популација од централниот дел на Косово, како за снабдување вода за пиење, така и за потребите на индустријата, земјоделство и на енергетиката.
Една од компонентите на проектот е да ги финансира активностите на воспоставување преносен капацитет на каналот од Ибар,така што би можело да се овозможи затворање на каналот за одржување, за зајакнување на структурната безбедност на каналот против екстремните ситуации и да се подобри безбедноста на браната на езерото Газивода. Овие трудови ја опфаќаат изградбата на резервоарот на подрачјето на селото Михалиќ, кои ќе овозможат завршување на протокот на каналот кога и да постои потреба да се реконструираат одредени делови од него или во случај на екстремни ситуации, како и балансирање на понудата и побарувачката за вода до 2035 година.
Уште една компонента ќе ги финансира трудовите и опремата за заштита и управување со водните ресурси, за подобрување на оперативната ефикасност на системот и заштитата на квалитетот на загадените води или другите оштетувања предизвикани од страна на човекот.
Проектот ќе биде реализиран во период од 2016 до 2022 година од страна на хидрокомпанијата „Ибар Лепенац“ и Министерството за економски развој на Косово и ќе биде во потполност финансиран од кредитот на Асоцијацијата за меѓународен развој (ИДА) на Групата на Светската банка.
ИДА е кредит кој се дава со концесионални услови без никаков интерес или многу низок интерес на подолг период на отплата. Кредитот за Проектот за безбедноста на водите и заштита на каналите во Косово ќе биде со траење од 25 години, вклучувајќи пет години грејс период.