Dzihat Aliju
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
Халкбанк АД Скопје ја зацврстува својата позиција на еден од клучните столбови на македонскиот финансиски систем со нова докапитализација во износ од 40 милиони евра, обезбедени директно од матичната банка, гигантот Халкбанкаси АШ Туркије, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Халкбанк АД Скопје, со оваа стратегиска инвестиција, вкупната актива на банката достигнува 2,15 милијарди евра.
„Она што дополнително влева сигурност кај депонентите и инвеститорите е нивото на вкупен капитал на банката, кој сега изнесува 412 милиони евра. Овие бројки ја позиционираат Халкбанк како една од најсилно капитализираните банки во регионот“, се вели од Халкбанк.
„Најновата докапитализација е продолжение на континуираната поддршка што Халкбанк ја добива од својата матична банка, која и во изминатите години повеќепати инвестираше во зголемување на капиталот и развојот на банката во Македонија. Таквата конзистентна поддршка претставува силен сигнал за доверба во домашниот пазар, но и во капацитетот на Халкбанк да испорачува одржлив раст и иновативни банкарски решенија“, се наведува во соопштението.
- „Оваа докапитализација е потврда дека Халкбанк не е само финансиска институција туку долгорочен партнер на македонската економија“
Банката објаснува дека зголемувањето на капиталот не е само финансиски показател, туку стратегиска одлука што овозможува зголемен кредитен потенцијал, поголема поддршка за македонското стопанство и граѓаните преку поволни кредитни линии и продолжување на инвестициите во најсовремени финтек и дигитални решенија.
„Во услови на глобални економски предизвици, ваквите потези значат дополнителна сигурност за клиентите и партнерите на банката бидејќи обезбедува највисоко ниво на капитална адекватност, што е гаранција за сигурноста на сите заштеди и вложувања“, велат од банката додавајќи:
„Оваа докапитализација е потврда дека Халкбанк не е само финансиска институција туку долгорочен партнер на македонската економија. Со поддршка од нашиот силен сопственик, продолжуваме да градиме банка што е синоним за доверба и напредок.“
Со засилен капитал и стабилна актива, објаснуваат од банката, Халкбанк е подготвена уште поинтензивно да ја поддржува економијата, да финансира развојни проекти и да биде двигател на позитивни промени во општеството.
„Истовремено, оваа докапитализација ја потврдува стратегиската определба на банката за долгорочно присуство и раст на македонскиот пазар. Халкбанк останува посветена на создавање вредност, за луѓето, своите клиенти, за економијата и за заедницата во целина“, се истакнува во соопштението.