Вековната традиција на „луѓето-хиени“ во „светиот град“ на Етиопија
- Во светиот град во текот на ноќта чуварите наречени „луѓе-хиени“ се собираат на отворените простори надвор од градските порти за да ги нахранат дивите животни
İrem Demir
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
photo: Fatma Nur Arslan / AA
ХАРАР
Во етиопскиот град Харар, како резултат на вековната поврзаност меѓу хиените и луѓето, се родила необична традиција – со доаѓањето на ноќта „луѓето-хиени“ ги хранат дивите грабливци надвор од градските ѕидови, пишува Анадолу.
Во источноафриканската држава Етиопија, во историскиот град на нејзиниот исток кој е запишан во Листата на светско наследство на УНЕСКО, вековната врска помеѓу луѓето и хиените претставува еден од највпечатливите примери за „соживот“ во светот.
Во светиот град опкружен со историските ѕидови познати како „Југол“, во текот на ноќта, чуварите наречени „луѓе-хиени“ се собираат на отворените простори надвор од градските порти за да ги нахранат дивите животни.
Фотографија : Fatma Nur Arslan/AA
Овој ритуал, кој се практикува непрекинато со генерации и претставува важен дел од локалната традиција, претставува и начин за одржување на еколошката рамнотежа во регионот.
Според локалните жители, во минатото хиените, во потрага по храна, се спуштале од планините и напаѓале добиток. За да ги одвратат од градот, жителите почнале да оставаат месо и остатоци од храна надвор од ѕидините. Со текот на времето животните се навикнале на оваа практика и престанале да претставуваат закана за луѓето.
Денес хиените навечер влегуваат во градот низ специјално направени отвори во ѕидините, каде што се хранат со отпад и остатоци од месарниците, помагајќи во одржувањето на чистотата.
Развивајќи длабока врска со хиените, локалното население секоја година на празникот Ашуре им подготвува и специјална каша со путер.
Фотографија : Fatma Nur Arslan/AA
Традицијата на хранење хиени се пренесува од татко на син. Чуварите ги повикуваат животните по име и ги хранат со парчиња месо закачени на дрвени стапови, честопати пред бројни туристи кои доаѓаат да бидат сведоци на ова необично пријателство меѓу човекот и дивото животно.
Ова пријателство помеѓу човекот и животното го претвора градот во една од најавтентичните дестинации за природен и културен туризам во светот.
– „Хиените нема да му нанесат никаква штета на градот, а луѓето ќе ги хранат секоја ноќ“ -
Зинира Абдулбасит, жителка на подрачјето, за Анадолу раскажа локална легенда за тоа како се развило пријателството помеѓу хиените и жителите на Харар.
Фотографија : Fatma Nur Arslan/AA
„Една малечка хиена влегла на една фарма и изела коза. Потоа дошол фармерот и ја убил малата хиена. Поради тоа, хиените дошле во градот за да се одмаздат и Харар запаѓа во ужасна состојба. Тогаш жителите се договориле со човек што го знаел јазикот на хиените и го замолиле да зборува со нив. Човекот разговарал со хиените и се договорил со нив - Хиените нема да му нанесуваат никаква штета на градот, а жителите секоја ноќ со љубов ќе ги хранат.“
Секоја година на денот Ашуре се готви каша за хиените, вели Абдулбасит, и додава дека двете страни до ден-денес верно и со почит се придржуваат до овој древен договор.
„По овој договор луѓето покажаа почит кон хиените и им отворија мали, посебни премини. Денес такви отвори може да видите на 3-4 места. Хиените влегуваат и излегуваат од Харар во кое време сакаат“, раскажа Абдулбасит.