Од Тракијците до Османлиите: Цивилизации што оставиле траги во Пловдив
- Градот, кој се наоѓа на двата брега на реката Марица, од минатото до денес се издвојува како центар во кој се среќаваат различни култури и цивилизации
Dzhanan Mehmed Ismail
15 Октомври 2026•Ажурирано: 15 Октомври 2026
ПЛОВДИВ
Пловдив, кој се наоѓа во централниот дел на Бугарија, денес во својата урбана структура ги чува трагите што ги оставиле различни цивилизации во текот на илјадници години историја, меѓу кои Тракијците, Римјаните, Византијците и Османлиите, пишува Анадолу.
Градот, кој се наоѓа на двата брега на реката Марица, од минатото до денес се издвојува како центар во кој се среќаваат различни култури и цивилизации.
Благодарение на богатото културно наследство и архитектурата, Пловдив е познат и како „престолнина на културата и уметноста“ на Бугарија.
Небет Тепе, едно од најстарите населени места во бугарскиот град Пловдив, привлекува внимание со илјадагодишната историја, остатоците од античкиот период што опстанале до денес и положбата од која се гледа градот.
На Небет Тепе, едно од значајните археолошки наоѓалишта што ја отсликуваат илјадагодишната историја на Пловдив, се наоѓаат траги од старите тврдински ѕидови и одбранбените објекти.
На ридот, кој низ историјата бил дом на различни цивилизации, има траги од првите населби што датираат од четвртиот милениум пред нашата ера.
Се претпоставува дека на Небет Тепе, чие име потекнува од турските зборови „nöbet“ (стража) и „tepe“ (рид), во античко време имало гарнизон што го штител градот.
Небет Тепе, кој посетителите може бесплатно да го разгледаат, привлекува внимание не само со археолошките остатоци, туку и со погледот кон Пловдив.
- Античкиот театар -
Античкиот театар, една од значајните историски градби во Пловдив, е меѓу архитектонските споменици од римскиот период што опстанале до денес.
Театарот, кој се наоѓа меѓу ридовите Џамбаз Тепе и Таксим Тепе, е единствена античка театарска градба на територијата на Бугарија што е зачувана до денес.
Античкиот театар, кој датира од првиот век од нашата ера и бил откриен за време на ископувањата што ги спроведувал Археолошкиот музеј во Пловдив во периодот од 1968 до 1979 година, се вбројува меѓу најдобро зачуваните антички театри во светот.
Театарот има капацитет за околу 3.500 гледачи и денес се користи за одржување различни претстави и културно-уметнички настани.
- Римскиот стадион -
Римскиот стадион, изграден во вториот век од нашата ера, се наоѓа во центарот на Пловдив, веднаш до џамијата Џумаја.
Се претпоставува дека стадионот, каде што во античко време се одржувале спортски натпревари, имал капацитет за околу 30.000 гледачи.
Поголем дел од стадионот денес е покриен со современи градби, но видливи се северниот заоблен дел со 13 реда седишта, северниот влез и дел од патеката.
- Џамија Џумаја -
Џамијата Џумаја, која се наоѓа во центарот на Пловдив, опстојува како една од значајните историски градби од османлискиот период што се зачувани до денес, со историја долга околу шест века.
Градбата, чие потекло датира од времето на султанот Мурат Први и која е позната и како џамија Худавендигар, е меѓу значајните балкански примери на архитектурата на големите раноосманлиски џамии со повеќе куполи.
Џамијата Џумаја и денес е отворена за верниците и ја задржува верската функција за муслиманската заедница во Пловдив, а привлекува внимание и кај туристите што го посетуваат градот.
- Саат-кулата
Саат-кулата, која се наоѓа на ридот во Пловдив познат како Сахат Тепе, според процените, била изградена во периодот од 1578 до 1611 година.
Бидејќи на градбата, која се вбројува меѓу најстарите саат-кулите во Европа, нема бројчаник, времето се означува со звукот на камбаната.
Саат-кулата, една од историските знаменитости на Пловдив, привлекува посетители и поради положбата од која се гледаат центарот на градот и околината.
- Повеќеслојната историја на Пловдив -
Вангел Илиев, главен водич во Државниот институт „Стар Пловдив“, во изјавата за Анадолу за историјата на градот рече дека Пловдив се издвојува не само како еден од најстарите градови во Европа, туку и по тоа што ги чува трагите од различни религии, етнички групи и цивилизации.
Илиев посочи дека историјата на Пловдив датира од околу 6000 година пр. н. е.
„Пловдив е најстар град во Европа во кој сè уште се живее. Сите религии, етнички групи, цивилизации и култури што поминале низ историјата на нашиот град и нашата земја оставиле нешто зад себе. Овие траги може да се забележат во архитектурата, градбите, занаетите или кујната“, рече тој.
Истакнувајќи дека оваа културна разновидност го обликувала идентитетот на градот, Илиев рече: „Всушност, имаме малку од сè. Токму тоа ги прави Пловдив и неговата атмосфера различни и единствени во споредба со другите градови во Бугарија.“
Илиев истакна дека првите траги од животот во Пловдив се пронајдени на Небет Тепе и дека историјата на градот започнала токму таму.
Тој објасни дека Пловдив добил вистински градски карактер околу 4000 година пр. н. е., кога веќе имал одредена територија и одбранбени објекти.
Нагласувајќи дека низ историјата Пловдив бил дом на различни цивилизации и култури, Илиев наведе дека по тракискиот период следувале грчкиот, римскиот, византискиот, периодот на Првото Бугарско Царство и османлискиот период.
- Пловдив низ историјата носел различни имиња
Илиев посочи дека името на градот се менувало во различни периоди. Во тракискиот период градот бил познат како Евмолпија, во грчкиот период како Филипополис, а во римскиот период се користело името Тримонтиум.
Тој наведе дека во османлискиот период се користело името Филибе, додавајќи дека денешното име Пловдив се развило од овие историски називи.
Истакнувајќи дека Пловдив никогаш не го изгубил градскиот карактер и покрај влијанието на различни цивилизации, Илиев рече: „Отсекогаш бил град. На различните култури им припаѓал како град и од нив повторно излегувал како град. Не станува збор за град што во одреден период се претворил во населено место.“
Илиев им препорача на туристите што го посетуваат Пловдив да ги разгледаат спомениците од различни историски периоди.
„Секогаш препорачувам да се види малку од сè бидејќи градот навистина е многу богат. Имаме многубројни вредни објекти од различни цивилизации“, рече тој.
Посочувајќи дека градот поседува значајни историски вредности и на национално и на меѓународно ниво, Илиев истакна: „Античкиот театар е најстара античка сцена во Бугарија што опстанала до денес и сè уште се користи. Тој е и една од ретките антички сцени во Европа што сè уште се користат.“
Илиев истакна дека историските куќи во делот на Стариот Пловдив се важни за разбирање на мултикултурната структура на градот во османлискиот период и општествениот живот во тоа време. Тој рече дека овие градби нудат значајни сознанија за животот на богатите трговци со различно етничко потекло во Пловдив во втората половина на 19 век.
- Музејот на фармацијата „Хипократ“ -
Илиев посочи дека и Музејот на фармацијата „Хипократ“ е една од значајните локации во Пловдив, објаснувајќи дека зградата служела како аптека во периодот од 1872 до 1947 година.
Тој наведе дека Музејот на фармацијата „Хипократ“ е единствен музеј во Бугарија посветен на историјата на фармацијата. Сите шишиња, садови и фармацевтски инструменти изложени во музејот се оригинални, а колекцијата била составена во текот на околу седум години со предмети собрани од стари аптеки и антикварници.
- Делата на бугарскиот сликар Златjу Бојаџиев -
Осврнувајќи се и на уметничкото наследство на Пловдив, Илиев ја спомена постојаната изложба на дела од бугарскиот сликар Златjу Бојаџиев, која е меѓу значајните уметнички локации во градот.
Илиев наведе дека на изложбата се претставени 73 дела на уметникот, истакнувајќи дека Бојаџиев е еден од најзначајните сликари во Бугарија.
Според Илиев, во делата на Бојаџиев се прикажани селскиот живот, семејството, местото на жената во општеството, луѓето во секојдневието и различни аспекти на бугарското општество. Тој посочи дека делата на уметникот нудат сеопфатен поглед кон бугарското општество.
Илиев раскажа дека Бојаџиев доживеал мозочен удар во 1951 година, на 48-годишна возраст, при што му била парализирана десната страна на телото, но за околу две години научил да слика со левата рака. Тој наведе дека на изложбата делата на уметникот се претставени во две одделни целини, според тоа дали биле насликани со десната или со левата рака.
Оценувајќи го продолжувањето на сликањето и покрај тешкотиите како пример за силна волја, Илиев нагласи дека приказната за Бојаџиев може да биде извор на инспирација и сила за многумина што ја посетуваат изложбата.