Besar Ademi
02 Декември 2016•Ажурирај: 03 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Канцеларијата на Народниот правобранител на Република Македонија во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром Скопје, го претстави извештајот од истражувањето спроведено за вклучување на децата со посебни потреби во редовното основно образование, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот за истражувањато финансирано од страна на УНИЦЕФ (Фонд на Обединетите нации за деца), е спроведен врз основа на податоците од прашалниците доставени до сите основни училишта во Македонија.
Во извештајот се наведува дека од вкупно 325 редовни основни училишта, 310 го исполниле прашалникот, а 15 училишта во земјата, наместо прашалникот, испратиле писма преку кои информираат дека немаат деца со посебни потреби запишани во нивните училишта и немаат посебни паралелки за оваа категорија на деца.
Според податоците добиени од анкетниот прашалник, вкупниот број на запишани ученици во основните училишта кои даделе податоци е 175.642. Како што е наведено во извештајот, 28 основни училишта имаат посебни паралелки за деца со посебни потреби, а 282 училишта нема такви паралелки.
Според Народниот правобранител, Мемети, на Македонија и беше потребно вакво истражување за да излезат на виделина сите проблеми со кои се среќаваат децата со посебни потреби, кои не можат да ја посетуваат наставата како нивните врсници. Тој истакна дека бројот на родителите кои бараат за нивните деца со посебни потреби присуствување на редовната основна настава е многу мал.
„Ова истражување покажа дека Македонија има систем за оваа категорија на деца, но е многу слаб. Прво, македонското законодавство не е усогласено со меѓународните и европските конвенции. Системот како таков не е функционален до крај, и му недостасуваат човечки и материјални услови“, истакна Мемети.
Тој додаде дека препораките на Народниот правобранител до органите на системот се дека земјата треба да го унапреди ова прашање во меѓународните документи за да создаде услови во секој аспект и да го направи системот пофункционален, за децата со посебни потреби не бидат дискриминирани и да не се третираат само од здравствениот аспект, туку да им се даде можноста да присуствуваат на редовното основно образование со своите врсници.
Од друга страна, заменик-претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Елспет Ериксон, во својот говор рече дека секое дете има потреба за квалитетно образование што го почитува и промовира неговото достоинство, и му овозможува максимален развој на неговиот капацитет. Ова, според неа, може да се постигне само кога на секое дете, вклучувајќи ги и оние со посебни потреби, ќе му се овозможи редовно образование.