Автомеханичари формираа музичка група и ја претвораат работилницата во концертна сала
- Петтемина автомеханичари, кои работат во индустриската зона во турска Ќутахија и знаат да свират на различни музички инструменти, пред околу три години почнале да се собираат по работа и од хоби да музицираат
Muharrem Cin
17 Јули 2026•Ажурирано: 17 Јули 2026
photo: Muharrem Cin / AA
ЌУТАХИЈА
Петмина автомеханичари кои преку ден поправаат возила во турскиот град Ќутахија, по завршувањето на работното време, без да ја соблечат работната облека, се собираат и преку групата „Груп Санаји“ (Група индустрија), што самите ја формирале, изведуваат народни песни и други музички композиции, со што и го намалуваат заморот од денот и им приредуваат пријатни моменти на занаетчиите од индустриската зона, пишува Анадолу.
Петтемина автомеханичари, кои работат во индустриската зона во населбата Фуат-паша и знаат да свират на различни музички инструменти, пред околу три години почнале да се собираат по работа и од хоби да музицираат.
Звуците од моторите и поправките што одекнуваат во текот на денот во индустриската зона, по завршувањето на работното време ги заменуваат песните и народните мелодии што ги изведува групата.
Фотографија : Muharrem Cin/AA
Основачот на групата и автомеханичар Али Јазган за АА изјави дека веќе 34 години работи како автомеханичар во индустриската зона, а уште од детството свири на баглама.
Јазган истакна дека заедничката љубов кон музиката со неговите колеги довела до формирањето на групата и додаде дека со текот на времето ја набавиле потребната музичка опрема и формирале петчлен состав.
Јазган објасни дека на репертоарот на групата има дела што ги изведуваат со придружба на баглама, електрична баглама, уд, џумбуш, клавијатура, тарабука и дајре, додавајќи дека по завршувањето на работното време работилницата ја претвораат во мала концертна сала.
Фотографија : Muharrem Cin/AA
„Понекогаш, по завршувањето на работата, се собираме во работилницата. Ни се придружуваат и другите занаетчии од индустриската зона. Оркестарот за нас е извор на одмор, забава и мотивација. На луѓето им е интересно затоа што правиме музика во нашето природно работно опкружување. Свириме без да ја соблечеме работната облека. Ги користиме музичките инструменти со раце полни со масло и 'рѓа. Дури и жиците на мојата баглама се полни со масло и 'рѓа“, рече тој.
Јазган додаде дека видеата од нивните настапи што ги објавуваат на социјалните мрежи привлекуваат големо внимание, а понекогаш им се придружуваат и чираците и помошниците, држејќи им ритам со алатките што ги користат за поправка.