БАЊА ЛУКА (АА) - Славниот рокер Алис Купер неодамна на својот фејсбук профил постави фотографија од шумска дрвена куќичка и галерија слики од Боро Јанковиќ во еколошката зона Зелениковац во близина на Мркониќ Град. Купер понуди 365.000 долари на оние кои ќе успеат да издржат година дена во оваа дрвена куќичка без телефон, интернет, телевизор и без контакт со други луѓе.
Се претпоставува дека не станува збор за сериозна понуда, а Боро Јанковиќ, сопственикот на куќичката, објасни дека фотографијата е направена од Французин, гостин во Зелениковац пред две години, кој тука се одмарал и пишувал книга. Галеријата на фотографии носи наслов „Зошто не отиде Боро”, а куќичката според сопственикот е изградена од различен материјал, камен, дрво, слама, односно од она што нашол на тоа место.
Јанковиќ во разговор за Anadolu Agency рече дека не знае како фотографијата стигнала до профилот на Алис Купер, но дека се обидел и да одгатне што стои зад таа понуда на познатиот рокер.
„Рокерите знаат секогаш да бидат контроверзни, нему му ,фатила око' необичноста на куќичката, амбиентот, верувам дека кај него тоа било еден тест, некое филозофско прашање кое го покренал, дали денес урбаниот човек може да издржи, кој е преоптоварен, врзан, целиот во некој шаблон, во постојана акција, движење, дали може да се откаже од тие цивилизациски вредности и да живее овде како природно суштетсво во шума, во природа, без ништо”, раскажа Јанковиќ.
Вели дека по објавата на профилот на Алис Купер му се јавиле многу луѓе, а тој ги упатувал да го прашаат познатиот музичар за што станува збор.
- Човек не смее да биде роб на техниката-
„Техниката ја набљудувам на сосема поинаков начин, односно ја респектирам, и го користиме техничкиот напредок, и мораме да го користиме, не можеме да се вратиме во пештера, да живееме како животни, но не смееме да бидеме оптоварени со неа. Ние можеме во секој миг да исклучиме”, вели Јанковиќ
Според него, интернет внеле уште во 1997 година поради поврзаноста со останатите луѓе.
„Да не беше техниката, немаше да има приказна за ова место. На техниката треба правилно да се гледа и правилно да се користи”, рече Јанковиќ, велејќи дека човек мора да биде техничко битие, но и природно и разумно битие, а не роб на техниката.
Јанковиќ го опиша Зелениковац како едно поинакво место, кое по малку личи на бајка, место кое му помага на човека да го оттргне она негативното со што е наполент, каде што може да се освежи, одмори и да "се ресетира".
Во таков амбиент тој живее веќе 30 години. Сè започнало од една мала воденица која ја наследил од својот татко. Боро имал план да направи сликарско ателје, да замине од цивилизацијата, да се изолира и во мир да се занимава со својата професија.
- Џез фестивал, ликовни колонии, изложби -
„Меѓутоа, човек е друштвено суштество. Во почетокот околу мене почнаа да се собираат уметници, сродни души, а од нешто и мора да се живее, просто, таа постојана борба за опстанок. Како што почнаа да доаѓаат тие, се правеа програми, почна да станува интересно и за медиумите и за јавноста, па уметниците и новинарите помогнаа да се создаде приказната. Приказната за природата во местото каде што луѓето сликаат, пишуваат, свират, одмараат, уживаат”, рече Боро.
Сегашната населба може да прими 32 лица во сместувачки објекти со купатило и мини кујна, камин на дрва а вкупно во сите објекти може да се сместат 70 лица, мислејќи на студентите и планинарите кои помалку бараат.
Во Зелениковец веќе традиционално се одржува и Џез фестивал, секој последен викенд во месец јули, годинава ќе се одржи од 29-ти до 31-ви јули, а своите настапи веќе ги потврдиле Влатко Стефановски и Васил Хаџиманов.
- Туристи од бројни земји -
На почетокот на летото се слави на 1-ви мај, кога во Зелениковац се одржува меѓународен турнир во играта Го, а чести се и планинарските експедиции.
Како најчести гости Јанковиќ ги набројува посетителите од Бања Лука, од регионот како и редовните гости од Војводина, западна Европа, Австралија и Канада. Имаме и туристи од Италија, Франција, Германија и Холандија.