Eşref Musa,Ethem Emre Özcan
04 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
РАС АЛ АЈН (АА) - ЕШРЕФ МУСА/ЕТХЕМ ЕМРЕ ОЗЏАН -
Браќата христијани Наум и Зијад Мелки, кои најдоа засолниште во Турција откако терористичката организација ЈПГ/ПКК ја окупира областа Рас ал Ајн во североисточна Сирија, веќе две години живеат во братство со другите етнички и религиозни групи во областа ослободена со операцијата „Извор на мирот“.
Браќата Мелки се едни од малцинските христијани кои живеат во областа. Тие претрпеа најголема штета откако терористичката организација ЈПГ/ПКК во јули 2013 година ја нападна областа Рас ал Ајн, лоцирана на сириска територија.
По окупацијата, браќата Мелки се засолнија во Турција, нивните сестри останаа во областа.
Браќата кои побегнаа од прогонот на ЈПГ/ПКК, почнаа да живеат во шаторски камп поставен за сириски бегалци во областа Мидјат во Мардин.
Педесет и шестгодишниот Наум се врати во областа Рас ал Ајн во мај 2016 година, откако терористите на ЈПГ/ПКК ги киднапираа неговите сестри и им го узурпираа домот.
Меѓутоа, терористичката организација исто така го приведе Наум околу три месеци.
Откако областа Рас ал Ајн беше ослободена од тероризам во октомври 2019 година, 58-годишниот Зијад Мелки од Турција, каде што остана шест години, се врати во својот дом во областа.

- „Нашите браќа Турци секогаш добро се однесуваа со нас“ -
Во изјава за Агенција Анадолија (АА), Наум Мелки рече: „Турските браќа многу убаво нѐ пречекаа. Од моментот кога влеговме во областа, тие ни помагаа на секој начин. АФАД и Турската Црвена полумесечина секогаш ни помагаа.“
Наведувајќи дека некои христијански свештеници кои живеат во Турција им понудиле да ги испратат во Европа, Мелки рече: „Не отидовме во Европа затоа што ние имаме земјиште. Ја одбивме понудата. Сонувавме дека еден ден ќе се вратиме во Рас ал Ајн. Иако живееме во шатори, нашите турски браќа секогаш беа добри со нас.“
Наум Мелки, исто така истакна дека пред потпишаниот договор меѓу САД и Турција на 17 октомври 2019 година, тој бил задржан од страна на терористите на ЈПГ/ПКК 43 дена. Откако бил ослободен, се вратил во Рас ал Ајн.
Подвлекувајќи дека е многу среќен затоа што областа е исчистена од терористите на ЈПГ/ПКК, Мелки рече: „Кога Сириската национална војска поддржана од Турската армија го ослободи нашиот округ, јас ја бакнав земјата, црквата и мојата куќа.“
- Поддршка на Турските вооружени сили (ТСК) и Сириската национална војска (СНВ) за црквите во областа -
Мелки изјави дека Турските вооружени сили (ТСК) даваат голем приоритет на одржување и поправка на сите цркви во областа и дека поставуваат камери за безбедност на нивните цркви.
„Она што Турција го направи за џамиите во областа, истото го направи и за црквите овде“, нагласи Наум Мелки, и додаде:
„Турските вооружени сили ја опремија внатрешноста и надворешноста на Црквата „Мерјем Меџделије“ со камери. Исто така, поставија камери, ги одржуваа, ги поправаа и осветлија црквите „Мартума Ресул“ и „Мар Агоб“ на нашите браќа Ерменци. Нашите браќа во СНВ исто така ни обезбедија генератори за да може црквите да бидат осветлени.“

Наведувајќи дека бил кум на свадбите на другите заедници во областа Рас ал Ајн, Мелки рече: „Ние живееме во братство и хармонија со другите етнички заедници во областа. Често слушаме дека Западот е загрижен за постоењето на христијаните, но никогаш нив не ги видовме тука. Напротив, видовме прекршувања на терористичката организација ЈПГ, која е поддржана од САД и зборува за таканаречено братство на народите.“
- Порака „Да живееме заедно во братство“ -
Зијад Мелки (58), член на локалниот совет на Рас ал Ајн, рече дека арапските, чеченските, туркменските и сите други етнички и религиозни групи во областа живеат во братство и хармонија.
Нагласувајќи дека ТСК и СНВ ги штитат црквите, Мелки рече: „Како членови на христијанската заедница, ги исполнуваме нашите верски обврски непречено на ист начин како што го извршуваат и другите етникуми овде.“
Зијад Мелки им се заблагодари на Турција и на СНВ за расчистувањето на Рас ал Ајн од терористите.
- „Отсекогаш се однесувавме посебно кон браќата христијани“ -
Мухамед Нура, еден од командантите на СНВ во Рас ал Ајн, рече дека вложиле големи напори Рас ал Ајн да стане безбедна област.
„Многу луѓе од различни етникуми живеат во областа Рас ал Ајн. Покажуваме голема чувствителност да ги решиме нивните проблеми. Ние секогаш се однесуваме посебно кон христијанските браќа.“