Seyit Aydoğan
10 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
ТОРОНТО (АА) - Неколку филантропи, добри луѓе кои живеат во Канада, испратија 50 тони храна на муслиманите во Адис Абеба, главниот град на Етиопија, по повод месецот Рамазан, јавува Агенција Анадолија (AA).
Организаторот на акцијата, Неџати Ерили, со потекло од Турција, во разговорот за АА изјави дека во акцијата учествувале голем број добри луѓе кои живеат во Канада и Соединетите Американски Држави (САД).
Тој истакна дека успеале да соберат околу 50 тони прехранбени производи, кои потоа се поделени на околу пет илјади муслимани што живеат во сиромашните населби во Адис Абеба.
Потсетувајќи дека муслиманите во Етиопија живеат во многу тешки услови, тој рече дека решиле да им испратат помош за барем малку да им помогнат во овие рамазански денови, додавајќи дека тие веќе деветта година по ред испраќаат помош во оваа земја.
„Оваа година сакав лично да учествувам во делењето на пакетите, но не можев да отидам поради пандемијата. До денес таму имаме испратено и илјадници курбани и помогнавме во изградбата на десетици исламски центри и училишта. Изградивме десетици бунари. Без никаква помош од државните власти, до денес, со донација на добрите луѓе и филантропи им обезбедивме на луѓето во Етиопија помош во вредност од над 300.000 долари“ рече Ерили, додавајќи дека до крајот на животот ќе продолжи да им помага на луѓето во таа земја, но и во други места каде што на луѓето им е потребна помош.
Имамот Абу Бакр Ахмед, кој го организираше дистрибуирањето на пакетите во Адис Абеба, се заблагодари за помошта.
„Им благодариме на нашите браќа кои ниту овој Рамазан не нè заборавија и не нè оставија сами. Оваа помош ќе биде од голема корист за нашите луѓе кои не се само сиромашни, туку се и гладни“, рече локалниот имам.