Ali Altunkaya
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Тринаесетгодишниот Салих Ахмед Хамид, кој живее во населбата Шyџаие во источниот дел на градот Газа, иако ја загубил десната нога во израелски напад во 2021 година, не се откажува од својата страст кон фудбалот, пишува Анадолу.
Животот на Салих, кој се здобил со повреди и на различни делови од телото, значително се сменил по нападот. Бидејќи ја загубил едната нога имал тешкотии при движењето, поради што почнал да користи протеза за да може да продолжи со секојдневниот живот.
За Салих, кој игра фудбал од детството, губењето на ногата не влијаело само врз неговата подвижност, туку и врз времето што го минувал со пријателите и со една од неговите омилени активности.
Сепак, и покрај физичките тешкотии што ги доживеал, Салих не можел да се оддалечи од фудбалот. Тринаесетгодишното момче, кое се обидува да се движи со протезата, кога има можност се среќава со пријателите и игра фудбал.
Иако за Салих веќе не е лесно како пред нападот да трча со пријателите на фудбалскиот терен и да стигне до топката, тој сака да продолжи да игра фудбал и покрај физичките ограничувања.
На улиците каде што некогаш трчал и играл фудбал со пријателите, Салих сега мора да се движи повнимателно, а со рачно изработената протеза се обидува повторно да најде начин да игра фудбал.
„Фудбалот е еден од начините да продолжам да се држам до животот“, вели Салих, чија приказна ги покажува и потребите на децата во Газа, кои се соочуваат со тешки повреди и изгубени екстремитети, за лекување, рехабилитација и продолжување на секојдневниот живот.
- „Единствена желба ми е да добијам подобра протеза за ногата и уште повеќе да го унапредам мојот фудбал“ -
Раскажувајќи дека пред нападот одел во училиште и играл фудбал со пријателите, Салих вели дека една од најголемите промени во неговиот живот по губењето на ногата е тешкотијата со која се соочува при играњето фудбал.
Наведувајќи дека многу го сакал фудбалот пред нападот и дека не ја загубил желбата за фудбал и покрај тоа што ја изгубил ногата, Салих рече: „Порано многу добро играв фудбал. Сега со протезата што ја носам може само ограничено да играм со пријателите.“
Салих, кој верува дека со подобра протеза за ногата ќе му се зголеми подвижноста и ќе може повеќе да му се врати на фудбалот, рече: „Единствена желба ми е да добијам подобра протеза за ногата и уште повеќе да го подобрам играњето фудбал.“
- „Потребна е соодветна протеза што ќе ја зголеми неговата подвижност“ -
Таткото на Салих, Ахмед Хамид, вели дека неговиот син пред нападот одел во училиште како и другите деца, играл со пријателите и секојдневниот живот му се одвивал нормално.
Потсетувајќи дека Салих по нападот ја загубил десната нога и се здобил со повреди и на други делови од телото, Хамид рече дека неговиот син има тешкотии при движењето.
Хамид истакна дека покрај редовната медицинска нега и лекување, на Салих му е потребна соодветна протеза за ногата со што ќе му се зголеми подвижноста за да може полесно да продолжи со секојдневниот живот.
Наведувајќи дека неговиот син со постојните можности се обидува да се движи и да игра фудбал со пријателите, Хамид рече дека посоодветна протеза би можела да му го олесни секојдневниот живот на Салих и да ја зголеми неговата подвижност.
- Во Газа тешко се повредени повеќе од 11.000 деца -
Според податоците на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), повеќе од 11.000 деца во Газа имаат потреба од долготрајна нега и рехабилитација поради „сериозни повреди што им го менуваат животот“.
Според процените на Светската здравствена организација (СЗО), од октомври 2023 година во Појасот Газа на повеќе од 5.000 луѓе им бил ампутиран екстремитет.
Според последното соопштение на Министерството за здравство во Газа, од стапувањето во сила на прекинот на огнот на 10 октомври 2025 година, во израелските напади загинале 1.421 лице, 4.983 биле повредени, а од под урнатините биле извлечени телата на 834 лица.
Се наведува дека вкупниот број на убиени во израелските напади врз Појасот Газа од октомври 2023 година достигнал над 74.000, а бројот на повредени над 175.000.
Се наведува дека под урнатините во Појасот Газа сè уште се наоѓаат илјадници тела.
Поради непрекинатото бомбардирање на областа од страна на израелската армија и строгата блокада што ја спроведува, цивилите што немаат пристап до основните хуманитарни потреби, како храна, чиста вода, медицински материјали и засолниште, се обидуваат да го продолжат животот во ограничени услови и во тешки временски услови.