Gamze Türkoğlu Oğuz
20 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Прославениот холивудски комичар Џим Кери е обвинет дека го користел своето богатство и слава за илегално да купува лекови за својата девојка Кетриона Вајт, која почина минатата година, откако земала голема доза таблети, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавува британскиот медиум Би-би-си, поранешниот сопруг на починатата Вајт, Марк Бартон, го обвини Кери дека го користел своето богатство и слава за илегално купување лекови што можат да се добијат само на рецепт. Со тоа, смета Бартон, Кери е одговорен за смртта на Вајт.
Во тужбата којашто е подигната пред Високиот суд во Лос Анџелес се наведува дека Кери (54) купувал лекови под името Артур Кинг.
Кери сѐ уште не се огласил во врска со овој случај.
Неговата девојка Кетриона Вајт (30) почина минатата година поради испивање големо количество лекарства.
Медиумите по нејзината смрт пишуваа дека Кери и Вајт биле во голема криза и дека таа починала неколку дена откако ја раскинале врската.