Последниот мајстор на „чалги“: 70-годишниот Билал го чува занаетот на своите предци
- „Ова е стара традиција. Тоа е средство за чистење што се користи за метење пред куќата, во дворот и во шталата. Јас и понатаму продолжувам да ги изработувам, но освен мене, веќе никој друг не остана што ги прави“
Sait Çelik, Mehmet Doğan
10 Септември 2026•Ажурирано: 10 Септември 2026
photo: Mehmet Doğan / AA
ЈОЗГАТ
Седумдесетгодишниот Билал Тумтурк, кој живее во областа Акдагмадени во турскиот град Јозгат, веќе 35 години продолжува да се занимава со изработка на традиционални метли од гранки, занает што го научил од својот татко, пишува Анадолу.
Тумтурк, татко на пет деца, кој се занимава со сточарство, на местата каде што оди да го напасува добитокот собира гранки од карамбук, кои ги користи за изработка на метлите.
Откако ќе ги исчисти гранките од трњето, Тумтурк ги носи во дворот на својот дом. Потоа, според процена, одвојува одредена количина грмушки, ги собира заедно и цврсто ги врзува со јаже и жица.
Фотографија : Mehmet Doğan/AA
Дршката на метлата ја изработува од гранка од дрво што самиот ја сече. Откако ќе ги прицврсти подготвените грмушки за дршката, метлата е подготвена за употреба.
Иако овие метли денес не се бараат како порано, Тумтурк, и покрај својата напредна возраст, продолжува да ги изработува според нарачките, а ги продава и на пазарот.
Метлите, кои во овој крај се нарекуваат „чалги“, се користат особено за чистење на просторот пред куќите, дворовите и шталите.
- „Никој друг повеќе не ги изработува“ -
Билал Тумтурк, кој е последниот претставник на традиционалната изработка на метли од гранки во областа, за АА изјави дека изработката на метлите ја научил гледајќи го својот татко.
Тумтурк раскажа дека порано во регионот имало многу луѓе кои се занимавале со овој занает.
„Беше 1991-1992 година кога почнав да изработувам чалги. Татко ми ги правеше, а јас научив од него. Ги изработуваа и пријатели кои доаѓаа од другите села. Откако се појавија пластичните метли и слични производи, изработката на чалгите почна да опаѓа“, рече тој.
Фотографија : Mehmet Doğan/AA
Тумтурк истакна дека метлите од грмушки особено се користеле во селските средини, додавајќи:
„Ова е стара традиција. Тоа е средство за чистење што се користи за метење пред куќата, во дворот и во шталата. Јас и понатаму продолжувам да ги изработувам, но освен мене, веќе никој друг не остана што ги прави.“
- „Се изработуваат и од трње“ -
„Сега веќе остарев. Имам пет-шест животни и се грижам за нив. Одам во планина и собирам по некоја грмушка. Добро или лошо, стигнавме до денешно време. Продолжувам да ја одржувам традицијата. Оваа традиција ни е пренесена од нашите баби и дедовци и претставува традиција на целиот крај. Оваа чалга е многу важна работа, но никој не ја цени. Ви гарантирам дека една чалга можете да ја користите три, пет или седум месеци. Многу е издржлива. Се изработува и од трње“, вели тој.
Тумтурк истакна дека метлите што ги изработува ги продава и на пазарот.
„Клиентите ме гледаат и ме прашуваат: ‘Како го направи ова?’ Тоа е моја навика, мој занает. Така го поминувам времето. Многу сакам да ги изработувам.“