АНКАРА (АА)
- Етхем ЕМРЕ ОЗЏАН / Ариф КОНАК
Абдурезак Ридуш (23) од Идлиб, чие лице и рака изгореле во пожар во неговата куќа во Сирија додека сè уште бил бебе, со надеж дека еден ден ќе биде излекуван живее во Турција, каде што е засолнет да го помине остатокот од животот и да не биде игнориран од општеството.
Ридуш од Идлиб го доживеал несреќниот случај што му го замрачи животот како едногодишно бебе.
Образовниот живот на Ридуш траел само еден ден, бидејќи неговиот наставник го искарал дека со изгореното лице ги плаши другите деца.
По тој ден, младиот човек од Идлиб, кој мисли дека луѓето се плашат и се гадат од него, речиси целото време го поминува дома. Може да излегува само кога времето е облачно или навечер.
Ридуш, исто така, не можел да добие никаков третман поради недоволните здравствени капацитети во Сирија.
Сириецот Ридуш, чие страдање се зголеми со почетокот на Граѓанската војна во Сирија во март 2011 година, морал да ја напушти куќата во која живеел во источниот дел на Идлиб во 2018 година поради нападите на силите на режимот на Башар ал Асад.
Младиот Сириец се засолнил во Турција во 2019 година со надеж за лекување поради зголемените здравствени и психолошки проблеми.
Во пожарот, на Сириецот Ридуш му изгорело лицето и станува инвалид на десната рака. Од деформитетот на лицето не може да ги затвори очите и да спие веќе 22 години. Исто така, поради тоа страда од суви очи и губење на видот.
Тој живее далеку од семејството во главниот град Анкара. Опстанува со помош на хуманитарците и парите што ги заработува од продажбата на пластиката што ја собира од ѓубрето.
Единствениот сон на Ридуш, чии барања за работа се одбивани, е да се ослободи од лузните?раните и да го помине остатокот од животот без да биде игнориран од луѓето.
Младиот човек од Идлиб со години сонува да се оперира и да си ги реши здравствените проблеми.
Екипата на Агенција Анадолија (АА) го посети младиот Сириец во неговиот дом и одблиску се запозна со неговата ситуација.
- „Ме боли срцето кога луѓето ме гледаат со сожалување“
Ридуш во изјава за дописникот на АА, истакнувајќи дека никого не обвинува за пожарот што избувнал од печката во неговиот дом, рече: „Во пожарот ми изгореа рацете и лицето. За време на пожарот бев сам дома. Лекарите истакнаа дека можам да се оперирам само по 5-годишна возраст. Меѓутоа, медицината во Сирија не напредуваше толку. Не можев да се лекувам. Пластичните операции се многу скапи, а нашата финансиска состојба е очигледна.“
Наведувајќи дека неговото семејство моментално живее во бегалските кампови во Идлиб, Ридуш рече дека често разговара со нив по телефон и дека сака да се сретне со нив откако ќе биде излекуван.
Ридуш, истакнувајќи дека неговиот живот бил поинаков поради лузните што му ги оставил огнот, нагласи: „На пример, не можам да одам на места далеку од местото каде што живеам. Ме боли срцето кога луѓето ме гледаат со сожалување. Повеќе не сакам луѓето да ме исмејуваат и да ме гледаат со сожалување. Поради оваа причина, не можам да излезам во овие часови (напладне). Секогаш сум дома. Сакам да работам, но ете не може.“
- „Само еден ден отидов на училиште, вториот ден не отидов“
Ридуш, кој е отфрлен од општеството на млада возраст, рече: „Отидов на училиште само еден ден, не можев да одам вториот ден. Наставникот го спречи моето образование, тој постојано ми викаше. Татко ми за да не тагувам повеќе ми рече ‘Немој да одиш‘ на училиште. Оваа ситуација мене ме уништи.“
Истакнувајќи дека неговиот дијалог со луѓето на улица е секогаш ист, Ридуш рече: „Луѓето често прашуваат како дојдов во оваа ситуација, како се повредив и дали можам да гледам. Јас им кажувам низ што поминав.“
Нагласувајќи дека сака да се лекува и да живее како сите нормални луѓе, Ридуш додаде:
„Повеќе не сакам да изгледам поинаку. Не сакам луѓето да ме гледаат со сожалување. Многу тагувам. Затоа не можам да ја напуштам куќата. Многу е тешко да се прифати оваа ситуација, мојата единствена надеж е да се лекувам. Ги посетив болниците овде, но велат дека мојот третман е тежок. Пластичните операции се прават во приватните болници.“
- „Надежта дека еден ден ќе бидам излекуван е единственото нешто што ме одржува во живот“
Младиот човек од Идлиб го кажа најлошото нешто што му се случило:
„Најлошото нешто ми се случи кога мигрирав од моето село на друго место во 2018 година. Затоа што прв пат излегов од моето село и одев на друго место. Не можам никогаш да го заборавам начинот на кој луѓето ме гледаа кога патувавме. Можам да кажам дека тоа беше тежок момент за мене. Никогаш нема да го заборавам тој момент.“
Истакнувајќи дека дел од својата егзистенција ја обезбедува со помошта што ја добива, Ридуш рече: „Надежта дека еден ден ќе бидам излекуван е единственото нешто што ме одржува во живот. Многу се трудам да го постигнам ова, но третманот е многу скап. Ми рекоа дека нема пластична хирургија во болниците во Турција. Никој не може да ми помогне бидејќи третманот е прескап.“
Ридуш, додавајќи дека секојдневието го поминува седејќи дома поради погледите на луѓето, рече: „Денот го поминувам седејќи дома, чекајќи спас од Алах. Не можам да излезам надвор. Јас готвам, а мојот пријател ги мие садовите. Домашната работа ја правиме заедно со мојот пријател. Имам малку тешкотии при извршување на домашните работи поради хендикепот во раката.“
- Не може да ги затвори очните капаци додека спие
Изјавувајќи дека не може навечер многу да спие, болниот млад човек нагласи:
„Ноќе секогаш размислувам за мојата состојба и како можам да се лекувам. Мислите не ми дозволуваат да заспијам. И да спијам, не можам да ги затворам очите. Остануваат отворени. Спијам вака (на грб). Веднаш се будам кога ќе ја свртам главата на страна. Колку и да се трудам да ги затворам очните капаци, тие остануваат отворени. Кога очите ќе ја допрат перницата, веднаш се будам од болката.“
- „Користам антидепресиви за да не размислувам премногу“
Нагласувајќи дека сака неговиот глас да го слушнат сите, младиот Сириец им се заблагодари и на турските власти.
Наведувајќи дека добил психолошка поддршка од турската Црвена полумесечина, Ридуш рече: „Психолошки се лекувам веќе една година. Користам антидепресиви за да не размислувам премногу. Не можам да кажам дека имав корист од овие лекови бидејќи мојот третман е јасен.“
Споредувајќи го општеството во Сирија и Турција, младиот Сириец подвлече: „Луѓето во Турција се генерално елитни, тие се културни и ја чувствуваат мојата болка кога ме гледаат. Меѓутоа, сепак голем број луѓе гледаат долго во моето лице, а тоа многу ме боли. Се надевам дека мојот глас допре до сите.“
- „Собираме пластика од ѓубрето и ја продаваме“
„За да обезбедиме мала егзистенција, одиме и собираме работи од ѓубрето. (Понекогаш) Собираме пластика од ѓубрето и ја продаваме. Не се заработува многу. Дневно заработуваме околу 10 лири (0,7 евра)“, рече Ридуш.
Нагласувајќи дека сака да работи пристојна работа без да биде игнориран од општеството, Ридуш додаде:
„Секако дека би сакал да работам, би сакал да работам како работник, но мојата ситуација е очигледна затоа не сакам работата да е тешка. Аплицирав на многу места, но не ме вработија. Велат дека нема работа. Јас велам дека мора да работам, но тие не ме вработуваат. Отидов на десетици места, но не ми дадоа работа.“