Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
03 Јануари 2018•Ажурирај: 03 Јануари 2018
ИДЛИБ (AA) – Бурак Караџаоглу / Ешреф Муса
Во последните две недели околу 12.000 сириски семејства мигрираа во бегалските кампови во близина на границата со Турција, поради нападите на терористичката организација ДЕАШ и припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, на кој поддршка му пружа Русија, пишува Anadolu Agency (AA).
Нападите се интензивираа во подрачјата на југот на Идлиб и истокот и северот на Хама, поради што сѐ повеќе Сиријци бегаат кон северот на Идлиб.

Цивилите кои успеваат да се спасат и да дојдат до камповите се обидуваат од облека да направат засолништа. Остатоците од платното го палат за да можат барем малку да се стоплат.
Мухамед Џефа, одговорен за координација на сириските здуженија истакна дека на 137 точки пристигнале 12.000 семејства.
„Миграциите на неколку илјади цивили се случија во многу краток временски период. Хуманитарните организации не беа подготвени за нив. Помошта не беше доволна“, рече Мухамед Џефа.
Тој истакна дека луѓето најмногу имаат потреба од засолниште, греалки, огрев и од храна.
Џефа рече дека бегалците не биле подготвени за пат и дека земале само неколку работи и тргнале на пат.
„Миграциите најмногу ги погодуваат децата“, нагласи Џефа.
- Итно потребни шатори, вода за пиење, храна и огрев -
Мухамед ел-Атије е еден од Сиријците кои во местото Кан, во близина на границата со Турција, мигрирале од Синџар, од југот на Идлиб.
„Ја оставив куќата, спомените од детството и дојдов овде. Се надевам дека нападите ќе престанат и дека што побрзо ќе се вратиме дома“, рече Атије кој во еден од нападите го загубил својот брат.
Истакна дека кога ќе ги погледнат луѓето кои од почетокот на војната живеат во бегалските кампови, имаат на што да бидат благодарни.
„Луѓето од облека прават засолништа. Се обидуваат да направат шатор од крпи. Немаме можност и потребна ни е помош од невладините организации. Итно ни се потребни шатори, вода за пиење, храна, облека, греалки и огрев. Нема ниту инфраструктура. Ваквата ситуација во наредниот период ќе донесе здравствени проблеми“, предупреди Атије.
Ќамил Атије, таткото на Мухамед, рече дека се занимавале со одгледување добиток и дека се надеваат на брзо враќање дома, бидејќи не се дозволува внесување добиток во кампот.
- Не можел да го напушти добитокот бидејќи бил изложен на бомбардирање -
Муна ел-Хусеин (40) со децата дојде од југот на Идлиб.
„Едно дете ми загина во нападот на режимот на Асад пред неколку месеци. Бев принудена да избегам со ќерките“, рече Муна.
Муна, инаку мајка на осум деца, истакна дека живее од одгледување добиток.
„Не можевме да ги земеме со нас петте овци, мојот сопруг остана изложен на бомбардирањата. Да не се тие животни, ние би биле гладни. Се надевам дека мојот сопруг ќе дојде жив“, рече Муна.
Режимот на Асад потпомогнат од ДЕАШ и од Русија, го крши примирјето на северот од Хама и во јужниот дел на Идлиб.
Режимот им овозможи на милитантите на ДЕАШ преку подрачјето на Хунајфис, на истокот на Хама, да преминат во подрачјата во Идлиб кои се под контрола на опозицијата и антирежимските групи Хајат Тахрир ал-Шам.
ДЕАШ за возврат им дозволува на режимските војници преку Канасир, на патот помеѓу југот на Алепо кон Хама, да дојдат до Идлиб кој во мај 2017 година е прогласен за зона без судири.
Бунтовниците на северот од Хама по судирите и по руските воздушни напади минатиот месец изгубија контрола врз некои делови од тој регион.
Нападите на припадниците на режимот и на ДЕАШ зачестија во последните неколку денови.
Вооружените сили на Турција, во согласност со договорот на земјите-гаранти Русија и Иран, на 13 октомври 2017 година, со цел исполнување на набљудувачката мисија, започнаа распоредување на силите.