Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
18 Декември 2020•Ажурирај: 21 Декември 2020
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Цивилите што беа евакуирани од сириската област Алепо, која од пред четири години се наоѓа под опсада на режимот на Башар ал Асад, и беа сместени во камповите во Идлиб, сè уште се сеќаваат на моментите на ненадејните напади на воените авиони, на деновите кога гладуваа, копнеејќи по деновите кога во својата татковина живееја во мир.
Пред четири години силите на режимот на Башар ал Асад четири месеци под воена опсада ги држеа приближно 300.000 цивили во источните подрачја на областа Алепо. Оваа опсада до која дојде поради граѓанската војна во Сирија стана најголемата хуманитарна криза, а заврши на 13 декември 2016 година кога беше договорен прекин на огнот по иницијатива на Турција.
Анкара и Москва се согласија да го евакуираат локалното население. Првата евакуација беше спроведена на 15 декември, а целиот проект заврши на 22 декември.
Од околината на Алепо, 45.000 цивили се сместени во бегалцките кампови во подрачјето на Идлиб во близина на границата со Турција, кое е под контрола на опозицијата.
Мухамед ал Амири, кој го напушти својот дом во Алепо пред четири години и се засолни во кампот Самидун во Идлиб, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека биле без храна два-три дена за време на опсадата.
„Не можевме да најдеме леб. Во замена за возилото зедовме еден пакет таан-алва. Воопшто не ги заборавивме ненадејните авионски напади. Имавме многу застрашувачки моменти кои тешко можат да се опишат со зборови“, рече Амири.
Раскажувајќи за Алепо, каде што се погребани и неговите родители, Амири вели: „Моето семејство, роднини и соседи се разотидоа. Не знам ништо во врска со нив. Плачам кога ќе се присетам на старите денови.“
Тој објасни дека се бори да преживее во кампот и додаде дека најголем проблем со кој се соочува е тоа што не е во можност да му донесе леб на своето семејство.
Рече дека луѓето биле принудени да мигрираат со облеката што ја имале на себе и неколку предмети што успеале да ги понесат. „Не можев да понесам ништо вредно со мене. Од духовен аспект, со себе го понесов моето достоинство.“
- Благодарна што ја преживеала опсадата -
И Бушра Хаџ Фарис, една од присилно раселените лица од Алепо, изјави дека во деновите на опсадата од страна на режимот Асад, не го напуштала својот дом поради стравот од авионски напади.
Раскажувајќи дека често мигрирале поради нападите во Алепо, Фарис рече: „Мојот сопруг излегуваше за да најде храна. Загрижени чекавме на балконот додека не се врати.“
Рече дека единствена желба ѝ е да живее во мир со своите деца: „Фала му на Бога, безбедно заминавме [од опсадата] со сопругот и моите деца. Тоа за мене е најскапоценото нешто.“