Mustafa Önal
12 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
КАЈСЕРИ (АА) – Мустафа Онал – Овошјето црвена калина, со латинско име viburnum opulus, е специфично за краевите околу Кајсери, централна Турција. Тоа е познато по позитивните влијанија врз здравјето, и ќе биде понудено на светскиот пазар, јавува Anadolu Agency (AA).
Растението viburnum opulus, кое е познато како еликсир на младоста поради минералите и киселините што ги содржи, расте во местото Бунјан, во Кајсери и околината. За првпат во овие краеви е засадено по Првата светска војна и се одгледува од страна на мештаните. Плодот од растението, кој личи на грозд, е со црвена боја и е со големина на зрно наут. Се конзервира со помош на ферментација, и се пие водата од овошјето.
По промотивните активности во последните години, ова овошје наиде на интерес и во другите делови на Турција.
- Општината дава приоритет на промоцијата на ова овошје -
Градоначалникот на општина Бунјан, Шинаси Ѓулџуоглу, во изјава за АА рече дека овој вид на овошје е специфичен за овој крај.
Ѓулџуоглу објасни дека ова овошје е мошне распострането затоа што се приспособува на водата и почвата во Бунјан, и рече дека се спроведуваат активности за зголемување на сеидбата.
„Плодот од ова растение се конзервира (ферментира) и по одреден процес, се цеди и се додава малку шеќер, по што се пие. Како општина, минатата година го флаширавме и овозможивме производот да допре до пошироките маси. Исто така, добиваме чај од остатокот од исцедениот плод. Се надеваме дека ќе продолжиме со овие активности. Минатите години направивме промоција, како во Турција, така и во другите држави. Во оваа насока, изведовме навистина сериозни активности. Овошјето се собира, се ферментира, се остава да отстои и на крајот станува напивка подготвена за пиење“, изјави Ѓулџуоглу.
- „Превентивен лек за многу болести“ -
Ѓулџуоглу пренесе дека, од здравствен аспект, ова растение има големо значење.
Нагласувајќи дека има голема побарувачка од страна на потрошувачите, токму поради неговите позитивни дејства врз здравјето, Ѓулџуоглу рече: „Ова растение влезе во медицинската литература како прочистувач на камен на бубрегот по природен пат, но е познато и по многу други корисни својства. Плодот е превентивен лек за женски заболувања, срцеви заболувањња, висок крвен притисок, а исто така има својство на аналгетик. Увидени се мошне сериозни позитивни дејства и кај заболените од овие болести. Нашата општина развива студии заедно со фармацевтска екипа. Откако ќе ги споделиме резултатите од овие студии со јавноста, ќе го претставиме ова овошје на целиот свет. На тој начин работиме на тоа, растението да се користи за медицински цели“.
- „Очекуваме пораст на бербата“ -
Ѓулџуоглу рече дека очекуваат раст во годишната берба. „Со минатогодишните активности имавме сериозно добра берба. И оваа година очекуваме бербата да надмине 300 тони. Проценуваме толкава бројка. Покрај ова, има и сеидби за домашна употреба. Заедно со ова, бербата уште толку ќе се зголеми. Оваа година очекуваме добар производ, се надеваме дека бербата ќе ја надмине минатогодишната“.
Мустафа Акјол, кој тргува со ова растение, рече дека годишно продаваат 25-30 тони.
Тој истакна дека конзервираниот производ со карго го испраќаат до некои градови во Турција и додаде дека има голема побарувачка од страна на луѓето.
Работничката Ајше Озчелик, која собира плодови, рече дека тежината на работата зависи од положбата на дрвото.
Озчелик, која дневно заработува по 50 лири од оваа работа, рече: „Работиме, лебот си го заработуваме. Овде е тешко затоа што дрвото е до водата. Постои ризик да паднеме во водата. Дневно можеме да собереме околу 250-300 килограми плод“.