Seda Sevencan
28 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
АДАНА (АА) - Потсетувајќи се на кошмарите, двајца турски здравствени работници кои го победија коронавирусот апелираат до луѓето да ги следат мерките за безбедност бидејќи превенцијата е подобра од лекувањето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Медицинската сестра Мерве Коксал и д-р Ерај Полат, кои работат во Државната болница „Чукурова“ во јужната турска област Адана, за АА раскажаа за својата битка со коронавирусот.
Коксал рече дека се заразила со вирусот на работното место во болницата и дека во првите денови развила симптоми како болки во грлото, потење и слабост.
Таа се излекувала во домашни услови по 14 дена, но истакна дека психолошкото влијание на болеста е огромно. „Тоа е еден од најтешките и најболните процеси во споредба со сите болести за кои знаеме.“
„Препорачувам луѓето да ги следат мерките, да внимаваат на хигиената, да носат маска и да одржуваат социјална дистанца. Особено сакам да порачам да не се двоумат за вакцинацијата“, додаде таа.
Д-р Ерај Полат рече дека најмногу стравува за своето семејство од почетокот на пандемијата.
„Грбот ме болеше премногу додека бев болен и имав палпитации. Беше посериозно од многу други болести“, рече тој.
Полат исто така се осврна на придржувањето кон здравствените упатства и сериозно сфаќање на коронавирусот.