Şerife Çetin
08 Јуни 2020•Ажурирај: 08 Јуни 2020
БРИСЕЛ (АА) - Во изминатиот ден во Белгија потврдени се уште 122 случаи на коронавирусот Ковид-19, со што вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата во земјата порасна на 59.348, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кризниот штаб за борба против коронавирусот во Белгија соопшти дека во изминатите 24 часа како последица на вирусот починале 11 лица, и дека бројот на смртни случаи достигнал 9.606. Половина од смртните случаи се регистрирани во старечките домови.
Експертите предупредија дека во наредните денови бројот на новозаразени во Белгија може да се зголеми, првенствено поради масовните протести што во Брисел и на други места се одржуваат во знак на поддршка на антирасистичките протести во САД поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд.
Виролозите тврдат дека можело да се одржат помали собири, но дека е опасно тоа што на собирите излегувале дури по 10.000 луѓе.
Во Белгија денес на сила стапи третата фаза од нормализирањето на ситуацијата и укинувањето на рестриктивните мерки воведени во екот на борбата против пандемијата.
Денес во Белгија е дозволена работата на хотелите, кафетериите, рестораните и баровите, но со почитување на дистанца од 1,5 метри помеѓу масите. На една маса може да седат до десет гости, а угостителските објекти можат да бидат отворени до еден часот по полноќ.
Дозволен е и почеток на аматерските и професионалните спортски натпревари, а по 1 јули ќе биде дозволено и присуство на публика на натпреварите.