Ömer Faruk Yıldız
08 Јануари 2021•Ажурирај: 10 Јануари 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Владата на Шри Ланка соопшти дека ќе продолжи со практиката на кремирање на телата на оние кои ќе починат од Ковид-19, без оглед на нивната вера, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Парламентот, одговарајќи на прашањата на опозицијата, министерката за здравство, Павитра Ваниарачи, истакна дека одлуката за кремирање на телата ја донеле во согласност со извештајот подготвен од Делегацијата на лекарското здружение (CCPSL) минатата недела.
На прашањето на пратеничката од опозицијата, Гаџендра Кумар Понамбалам, зошто не е земена предвид препораката во извештајот дека може да бидат погребани телата на тие што починаа од Ковид-19, министерката Ваниарачи истакна: „Немаме ситуација во која имаме препораки од извештајот поради религиозни или етнички причини.“
Ваниарачи наведе дека задолжителното спроведување на крематориумот е само од здравствени причини.
Сеид Али Захир Мевлана, поранешен министер за социјален развој, кој ги предводеше протестите против присилната кремација во Шри Ланка, на својот профил на Твитер, реагирајќи до Владата, рече: „Очигледно е дека министерката за здравство погрешно го информира Парламентот. Одлуката на Владата не се базира на наука, туку на политички и расистички причини.“
Поранешниот министер Мевлана истакна дека во извештајот на Делегацијата на лекарското здружение (CCPSL) јасно е наведено дека оние кои починале од Ковид-19 може да бидат погребани и ја повика министерката за здравство, Ваниарачи, во Парламентот да одговара за целиот извештај.
- Здружението на лекари соопшти дека „починатите од Ковид-19 можат да бидат погребани“ -
Делегацијата на Лекарското здружение од 11 лица, назначена од Министерството за здравство на Шри Ланка, е составена од тројца микробиолози, шест вирусолози, еден експерт за имунолошки систем и еден експерт за вакцини.
Во извештајот објавен на 2 јануари се истакнува: „Експертската делегација, разгледувајќи ги препораките за отстранување на телата на оние што починаа од епидемијата, покрај можноста за кремирање, одлучи дека може и да се погребуваат, под услов да се почитуваат мерките на претпазливост.“
Во извештајот се наведува дека погребувањето на починатите од Ковид-19 треба да се изврши во рок од 24 часа, телото на починатиот да не се предава на семејството или роднините, а кога се пренесува од мртовечницата на гробишта може да присуствуваат само четири лица.
Исто така, во извештајот се наведува дека верските ритуали за време на погребот треба да завршат во рок од 10 минути, а телото да биде погребано на длабочина од 1,5 метри.
- Практиката задолжително кремирање -
Министерството за здравство од Шри Ланка во март 2020 година, кога епидемијата започна да се шири во земјата, соопшти дека погребувањето на починатите од Ковид-19 може да придонесе вирусот да се шири и најави дека телата ќе се кремираат без верска дискриминација.
Невладините организации и малцинствата во земјата поднесоа жалба до Врховниот суд за да не се кремираат телата на муслиманите. Судот ги отфрли жалбите без да наведе причина.
Хана Сингер, координаторка на ОН во Коломбо, во своето писмо го повика премиерот на Шри Ланка, Махинда Раџапакса, „да ги разгледа ваквите одлуки во врска со појавата на Ковид-19“.
Во земјата каде што досега починаа 208 лица од Ковид-19, мнозинството од оние кои починаа од вирусот се муслимани.