Burak Dağ
04 Јуни 2020•Ажурирај: 05 Јуни 2020
РИМ
Италија како дел од првата фаза за олеснување на рестриктивните мерки поради Ковид-19 повторно ги отвори своите граници и очекува реципроцитет од другите земји на Европската Унија, изјави италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на заедничката прес-конференција со неговиот француски колега Жан-Ив Ле Дриан, Ди Мајо изјави дека соработката меѓу Италија, Германија и Франција, секогаш носела добри резултати за Европа.
„Веруваме дека постои потреба од стандардизирано правило што гарантира безбедно и непрекинато патување на европските граѓани во туризмот“, рече врвниот италијански дипломат, потенцирајќи дека не треба да постојат посебни активности во туризмот во рамките на ЕУ.
Ди Мајо, исто така, истакна дека е „погрешно“ што некои земји членки не ги отвориле своите граници.
Францускиот министер за надворешни работи, Ле Дриан, изјави дека на ЕУ ѝ е потребна добра соработка за отворањето на границите и дека нема сомнеж оти 15 јуни ќе биде датумот кога тоа ќе се одлучи.
Двајцата министри за надворешни работи исто така дискутираа и за кризата во Либија.
„Иднината на Либија очигледно им припаѓа на Либијците и безбедноста на нашите земји е исто така директно поврзана со безбедноста во Либија“, изјави Ле Дриан.
Италија е една од првите земји во Европа која повторно ги отвори своите граници за меѓународниот туризам, надевајќи се дека повторно ќе ја активира својата клучна туристичка индустрија, која беше тешко погодена од пандемијата.
Сега посетителите кои доаѓаат од ЕУ и од земјите на Шенген-зоната нема да имаат потреба да бидат во двонеделен карантин кога ќе влезат во земјата.
Трендот на опаѓање на бројот на смртни случаи и намалениот број заразени лица ја охрабри Владата на Италија да им дозволи на своите граѓани да се движат слободно за време на своите летни одмори, надминувајќи го отпорот на помалку погодените региони кои се загрижени за ризикот од повторно ширење на вирусот.