Adham Kako,Ahmad Wais
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
АНКАРА (АА) - Коалицијата на опозициските и револуционерните сили на Сирија (SMDK) предупреди на можните погубни последици, што појавата на коронавирусот би можела да ги предизвика во Сирија, а посебно на десетиците илјади заробеници кои се наоѓаат во затворите на силите лојални на режимот на Башар ал Асад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Коалицијата на опозициските и револуционерните сили на Сирија (SMDK) се наведува дека режимот на Асад тврди оти во Сирија досега не е забележан ниту еден случај на заразување со коронавирусот, но дека е тешко да се поверува во тоа тврдење бидејќи границите на Сирија се отворени за проиранските милитантни групи.
„Ширењето на коронавирусот во Сирија би претставувало голем ризик за цивилите, но и за десетиците илјади заробеници во затворите на режимот на Асад. Тие луѓе се најранлива категорија луѓе во Сирија“, се наведува во соопштението.
Истакнувајќи дека режимот на Асад не ги затворил границите за влез на проиранските терористички групи, од Коалицијата на опозициските и револуционерните сили на Сирија (SMDK) тврдат дека е тешко да се утврди дали тие милитанти веќе го однеле вирусот во Сирија.
„Здравствениот систем на режимот на Асад веќе е срушен и слаб. Направени се некои извештаи во кои се наведува дека меѓу проиранските милитанти има заразени со коронавирус“, се наведува со соопштението.
Според податоците на сириската опозиција, во затворите на режимот на Асад се наоѓаат речиси половина милион заробеници.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а Светската здравствена организација прогласи глобална пандемија на Ковид-19. Меѓу најтешко погодените земји е и Иран.