Dildar Baykan
24 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
ЊУЈОРК (АА) - Наградените фотографии на „Istanbul Photo Awards 2018“ пред љубителите на уметноста беа претставени во седиштето на Обединетите нации.
Добитникот на првата награда за серијата фотографии за шумските пожари во Калифорнија од категоријата „Природа и животна средина“, Маркус Јам, фоторепортер на „Лос Анџелес тајмс“ (Los Angeles Times), одговораше на прашањата на Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека на „Istanbul Photo Awards 2018“ учествувал по препорака на пријател:
„Ги погледнав моите фотографии за пожарите во Калифорнија, и посакав да го насочам вниманието на таа тема. Кога забележав дека на натпреварот има категорија за природата и животната средина решив да учествувам“. Маркус Јам истакна дека неговите наградени фотографии имаат симболично значење. „Овие фотографии се значајни за да прикажат колку пожарите се болни и страшни. Овие фотографии ги избрав за да ги прикажам ужасните ситуации во пожарите и палмите кои се симболот на Калифорнија“, истакна фоторепортерот Јам.
„Горд сум што ја добив наградата Istanbul Photo Awards“, рече Јам, изразувајќи го задоволството од тоа дека се наоѓа меѓу наградените фоторепортери. Јам, нагласувајќи дека неговите фотографии преку фотоизложбите на „Istanbul Photo Awards“ ќе бидат изложени на многу места во светот, рече:
„Моите фотографии денес придонесуваат за подигање на свеста за климатските промени со кои се соочува светот. Затоа имаат симболично значење. Затоплувањето на времето и неговото влијание секој ден можеме да го видиме одблиску. Временските услови секоја година не се исти, постојано се влошуваат. Се надевам мојата изложба низ целиот свет ќе ја подигне свеста за нашата иднина“.
Тој, исто така, му се заблагодари на целиот тим кој му ја додели наградата и на поканата да учествува на изложбата.
- „Istanbul Photo Awards 2018“ -
Спонзори на натпреварувањето на кои се наградени 27 фоторепортери од 22 земји беа „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Град Истанбул.
За најдобра фотографија на годината е избрана емотивната фотографија „Дете“ на босанскo-херцеговскиот фоторепортер Дамир Шагоља, која ја фотографирал за „Ројтерс“ (Reuters) во текот на престојот во камповите на мјанмарските бегалци во Бангладеш. Првото место во категоријата „Серија вести“ го освои Кевин Фрејер, за серијата фотографии направени за „Гети имиџес“ (Getty Images).
Лукас Шулце ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија од спортот“, со фотографијата насловена „Дали е пливач или риба?“.
Во категоријата „Серија фотографии од спортот“, првонаграден е Павел Волков со серијата фотографии насловена како „Приказната за Талаи“, направени за весникот „Вечернаја Москва“ (Vechernaya Moskva Newspaper).
Малезискиот фоторепортер Мухамед Фатхил Асри, со фотографијата која ја направи за весникот „Њу стреитс тајмс“ (New Straits Times Press), ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија од природата и животната средина“, додека Маркус Јам со серијата фотографии кои ги направи за „Лос Анџелес тајмс“ (Los Angeles Times), беше првонаграден во категоријата „Серија фотографии за природата и животната средина“.
Ендрју Меконел, со серијата фотографии кои ги направи за „Панос пикчрс“ (Panos Pictures), ја доби првата награда во категоријата „Серија портрети“, додека пак, рускиот фотограф Сергеј Строителев, стана победник во категоријата „Серија секојдневен живот“.
Оваа година наградата „Млад фоторепортер“, за која конкурираа фоторепортери помлади од 28 години, ја доби фоторепортерот Езра Аџајан од Филипините.
Почесни награди добија Родриго Кабрита во категоријата „Серија фотографии за природата и животната средина“ и Анастасија Руденко во категоријата „Серија фотографии од секојдневието“.
Наградените фотографии на „Istanbul Photo Awards 2018“ и оваа година по третпат во седиштето на ОН ќе им бидат претставени на љубителите на фотографијата. Изложбата може да се посети до 2 ноември.