СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ - Ја забележавме среќата на лицата на оние што имаа можност да го исполнат својот детски сон и да го научат турскиот јазик на курсевите организирани од Институтот „Јунуз Емре“. Овој институт во Скопје, уште од своето формирање во 2010 година, е центар за учење на турскиот јазик, книжевност, историја, култура и уметност, пишува Anadolu Agency (AA).
Дел од посетителите на курсот се лица, кои се запишале со цел да го надополнат своето универзитетско образование, додека дел од нив тоа го направиле поради блискоста и топлината што ја чувствуваат кон турскиот народ, со цел полесно да комуницираат со него.
Додека некои посетители на курсот се одлучиле да го научат турскиот јазик за да можат „од крај до крај“ да ја прошетаат Турција, некои ги избираат курсевите по турски јазик во организација на Институтот „Јунус Емре“ (ИЈЕ) за да можат да го остварат својот детски сон и своето стручно образование да го продолжат во Турција.
Учесниците на курсот имаа можност да посетат поголем број градови во Турција, меѓу кои Анкара, Бурса, Болу, Карабук, кои кај нив оставија силни впечатоци и посакуваат повторно да ги посетат, но и да откријат некои нови места.
Мила Арсовска од Скопје, за Anadolu Agency (AA) изјави дека е убаво да се научи еден нов јазик, истакнувајќи дека се одлучила за турскиот јазик поради своја стручна наградба.
Значењето на народната поговорка „еден јазик, еден човек“, Арсовска рече дека го разбрала откако го научила турскиот јазик. Истакна дека четирите години поминати на курсевите по турски јазик во ИЈЕ, се најубавите години од нејзиниот живот.
Арсовска изјави дека е апсолвентка на Универзитетот „Кирил и Методиј“ на Катедрата за турски јазик и книжевност, и додаде дека со цел да го надгради своето образование, се запишала на курсот по турски јазик во ИЈЕ. Понатаму рече дека „за отворање на хоризонтите“, се вклучила и на курсот по османлиски јазик.
Продолжи дека учествувала во проектот „Летна школа по турски јазик“, организиран од ИЈЕ, истакнувајќи дека тоа за неа претставувало една многу убава авантура.
Во рамките на летната школа, Арсовска рече дека престојувала во Анкара. „Го прошетавме подрачјето на Црното Море. Се сретнавме со различни дијалекти. Имавме можност одблиску да видиме различни култури. Се сметам себеси за многу среќна што ми беше дадена ваква можност. Можам да кажам дека тоа е еден од најубавите периоди во мојот живот”, рече Арсовска.
Арсовска рече дека од Турција, најмногу ѝ се допаднала Анкара, дека „се заљубила“ во градот, додавајќи дека е љубопитна и за подрачјето на Медитеранот, особено за Адана и дека би сакала да го посети.
Од турските зборови, најзачудена била од зборот „sabahleyin“ („во првите утрински часови, наутро“), додавајќи дека во македонскиот јазик за тој термин се користи зборот „сабајле“. „Како што одминува времето, забележувам дека во македонскиот јазик има голем број турски зборови, што е многу убаво“, рече Арсовска.
При учењето на турскиот јазик, Арсовска рече дека најголема забуна има во случаите кога не е сигурна која наставка каде да ја додаде, и „зошто се додава таму“, па за да го научи тоа што подобро, ќе продолжи со курсевите по турски јазик.
Најомилени зборови во турскиот јазик за Арсовска е фразата „Mışıl mışıl uyumak“ („Удобен и длабок сон“). „Ѝ се восхитувам на турската книжевност, бидејќи поетите и писателите имаат можност да се изразат себеси. Турскиот јазик е толку богат јазик, што се трудам да го научам многу повеќе, за да можам и јас така да се изразувам. Се надевам дека еден ден ќе успеам во тоа“, рече Арсовска.
Арсовска истакна дека во Турција постои гостопримство, кое не може да се види на друго место. Таа рече дека е восхитена од љубовта кон татковината и поврзаноста што ја имаат кон традицијата. Истакна дека турскиот јазик е неописливо богат јазик и додаде дека воопшто не се кае што одлучила да го учи.
Арсовска ги сподели и своите цели, „Сакам да го научам турскиот јазик колку што можам повеќе, да патувам низ Турција и да ја истражувам. Можам да кажам дека оваа земја претставува чудо и од историски, и од архитектонски аспект“.
- „Мојот сон е да учам во Турција“
Една друга учесничка на курсот по турски јазик организиран од ИЈЕ е Зулејха Мурати, која изјави дека покрај англискиот и германскиот, го научила и турскиот јазик.
Мурати рече дека е матурантка во Средното медицинско училиште во Скопје и планира своето образование да го продолжи во Турција. За таа цел посакала да го научи турскиот јазик.
Опишувајќи го турскиот јазик „како јазик што го сакала уште од своето детство“, Мурати додаде дека при учењето на турскиот јазик, најголеми потешкотии имала поради „различната структура на реченицата“.

Потсетувајќи дека турскиот и албанскиот јазик имаат многу заеднички зборови, Мурати рече дека тоа претставува предност при учењето на тускиот јазик.
Најпријатните сеќавања од учењето на турскиот јазик, Мурати рече дека ги доживеала за време на летната школа. „Прво три недели престојувавме во Болу. Болу е многу убав град и доколку повторно ми се укаже можност да заминам за Турција, повторно би го посетила. Тоа е мал и тивок град. Во него сѐ е многу убаво, прошетавме низ различни места. Не се запознавме само со турската култура, туку во исто време имавме можност да се запознаеме и со другите култури. Се стекнавме со пријатели од многу различни земји“, зборуваше Мурати.
Околу храната, Мурати рече дека турската и албанската кујна се исти и затоа не се почувствувала како странец. Таа рече дека единствено благите се различни, велејќи дека баклавата во Турција е многу поубава од онаа во Македонија.
Нејзин најомилен израз во турскиот јазик е „Kader gayrete aşıktır“ (Судбината е вљубена во трпението). Таа смета дека оваа фраза во потполност го опишува значењето на животот, истакнувајќи ја својата увереност дека доколку човек е трпелив, тогаш сѐ ќе се подреди како што треба.
Мурати рече дека Турците се гостопримлив народ, пријатни, лесно стапуваат во контакт и многу убаво ги пречекале. Таа истакна дека тоа е причината поради која одлучила да го продолжи своето образование во Турција.
Во врска со нејзината иднина, Мурати изјави дека нејзин најголем сон е да успее да се запише на Медицински факултет и да стане доктор. „Да се биде доктор е мојот сон уште од детството. Поради мојот интерес и љубов кон докторската професија, следев една серија поврзана со доктори, која беше на турски. Следејќи ја серијата, уште повеќе се заљубив во мојата професија, а турскиот изговор многу убаво ми звучеше и од тој момент започнав да го покажувам мојот интерес кон турскиот јазик“, рече Мурати.
- „Турција е најубава и најдобра земја на светот“
Есра Алити, студентка на прва година на Катедрата за турски јазик и книжевност, рече дека уште од своето детство многу го засакала турскиот јазик и истакна дека нејзина желба била да научи да го зборува.

Алити рече дека најголеми потешкотии во учењето на тускиот јазик има при пишувањето, но истакна дека со интензивирање на учењето, многу напреднала.
Во текот на летната школа по турски јазик, Алити рече дека престојувала во Карабук, место кое го опиша како „многу убаво место, кое наликува на рај“. Од храната, омилени јадења ѝ се сарма од лозов лист и Искендер кебап.
Нејзин најомилен израз во турскиот јазик е „Во животот не постои случајност, за сѐ има некаква причина“. Алити истакна дека, иако случајно започнала да го учи турскиот јазик, можеби во иднина тоа би можело да биде нејзина професија.
Нејзина цел е да го зборува турскиот јазик како Турците и да престојува во Турција, со цел да го совлада јазикот во потполност. „Турција е најубава и најдобра земја во светот. Во Турција себеси се чувствувам многу убаво. Кога сум таму, јас сум среќна. Луѓето покажуваат голема почит. Многу ми се допаѓа турската култура“, изјави Алити, една од учесничките на курсот по турски јазик организиран од Институтот „Јунус Емре“.
news_share_descriptionsubscription_contact
