Burak Bir
21 Септември 2024•Ажурирај: 22 Септември 2024
ЛОНДОН (АА) - Шпанскиот актер, оскаровецот Хавиер Бардем, ја осуди Владата на Израел за „злосторства против човештвото во Појасот Газа“, повикувајќи ја меѓународната заедница да ги повика виновниците на одговорност, известува Анадолу.
Бардем на доделувањето на наградата „Доностија“ во петокот, во рамките на од Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, Шпанија, пред новинарите изјави дека израелското раководство, под нејзината најрадикална влада, врши злосторства против човештвото и меѓународното право.
Тој истакна дека нападите на 7 октомври минатата година на палестинската група на отпорот Хамас против Израел не можат да го оправдаат колективното казнување на Палестинците, додека израелските напади ги дефинира како „целосно неприфатливи, страшни и дехуманизирачки“, пишува магазинот „Варајети“.
Бардем ги повика земјите, особено САД и Велика Британија, да ја преиспитаат својата „безусловна поддршка за Израел“ и го повика Меѓународниот кривичен суд (МКС) да поведе судски постапки против одговорните.
Обвинителот на МКС, Карим Кан, во мај побара судот да издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант поради сомневање дека извршиле злосторства против човештвото во Појасот Газа.
Оттогаш, Кан двапати, последниот пат во август, побара од судот да го забрза издавањето на наредбата.
Во текот на речиси една година, во израелските напади на Појасот Газа убиени се повеќе од 41.270 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се повеќе од 95.500, објавија локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа.