СКОПЈЕ/ПРИШТИНА/ТИРАНА (АА) - Книгата претставува основен извор на човековото знаење, но и прирачник за масовна комуникација. Колкав е интересот за читањето книги во регионот и колку проекти во изминатата година спровеле институциите во однос на издавачката дејност и литературните проекти се дел од темите во анализата на Anadolu Agency (AA).
- Во Македонија има двојно повеќе книги во библиотеките отколку што има жители -
Според Државниот завод за статистика, во Македонија има вкупно 174 библиотеки, од кои најголема е Националната универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во неа има нешто повеќе од еден милион различни наслови на книги, во повеќе од 1.100.000 примероци. Според статистичките податоци, во библиотеките има 154.903 активни членови, но оваа бројка постојано се менува, бидејќи секојдневно се запишуваат или пак се отпишуваат членови.
Сите блиблиотеки во Македонија не нудат простор и за читање, а тоа значи дека во некои од нив може само да се изнајмат книги, но не и таму да се читаат. Севкупно, според податоците од август 2015 година, во земјава има 3.537 места во библиотеките.
Во македонските електронски медиуми, во август во 2015 година беше објавено дека во Македонија има двојно повеќе книги отколку што земјата има читатели. Според објавеното, во македонските библиотеки има огромен број различни наслови на книги, односно 2.787.012, а севкупниот број на книги е дури 5.524.822.
Според Министерството за култура на Република Македонија, во изминатата 2016 година во областа на издавачката дејност, преку ова министерство се реализирани 425 проекти, од кои 86 на албански јазик. Се работи за 332 публикации, 37 списанија, 26 електронски изданија и 35 литературни проекти.
- Последните истражувања покажуваат дека во Македонија постои интерес за книгата -
За да го испита интересот за читањето книги, клубот „Матица“ од Скопје направи истражување што се однесува на периодот од јуни до декември 2016 година, во кое биле вклучени 947 испитаници. Истражувањето покажува дека граѓаните во Македонија во просек читааат по две книги месечно, како и дека имаат висока свест и однос кон книгата и ги следат светските трендови на книжевниот пазар.
„Од резултатите што ги добивме за тоа колку книги читаат Македонците, покажуваат дека над 30 проценти од испитаниците читаат повеќе од 5 книги месечно, што во основа значи дека навистина постои читателска публика, што генерално треба сите да нѐ радува“, вели за АА Дејан Павлески од клубот „Матица“.
Со цел да се поттикне читањето и да се испочитуваат љубителите на пишаниот збор, минатата година на 10. март, во организација на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во соработка и со учество на јавните библиотеки во Република Македонија, за првпат беше организирана манифестацијата „Ден на читателот“.
- Во Косово се читаат стручни книги од различни области -
Зизе Краја, раководител на одделот за информации на Националната библиотека на Косово „Петар Богдани“ за Anadolu Agency (АА) изјави дека во Косово, односно во Националната библиотека најмногу се читаат стручни книги од различни области. Имајќи предвид дека библиотеката најмногу ја посетуваат студентите, Краја рече дека времето кога најмногу се чита и се посетува библиотеката е периодот на испити во текот на учебната година. Таа наведува дека освен студентите, националната библиотека ја посетуваат и другите граѓани.
Таа вели дека не постојат точни податоци во врска со тоа колку книги месечно читаат граѓаните на Косово.
Според неа, нивото на читање не треба да се спореди само со периодот на поранешна Југославија, нагласувајќи дека генерално во светот има пад на читателите поради технологијата и интернетот. Таа додава дека Националната библиотека има околу 300 илјади наслови од различни области на албански и на други јазици.
Од друга страна, Бесник Гаши, шеф на секторот за збогатување на колекциите на Националната библиотека, за АА рече дека во текот на 2016 година, во Националната библиотека на Косово влегле 2.038 наслови на книги. Тој исто така изјави дека според податоците што ги поседуваат, во 2016 во Косово се издадени 1.304 книги.
- Институциите во Албанија развиваат политики за поттикнување на читањето -
За да се поттикне читањето, Министерството за култура на Албанија во октомври 2016 година организираше национална кампања под мотото „Се среќаваме за една книга“, која беше наменета за ориентирање на општеството, особено на помладата генерација, кон културата на читање. Според министерството, во оваа кампања биле вклучени повеќе од 8.000 читатели, а горенаведената институција има развиено посебна програма и политики за промовирање на културата на читање.
Од друга страна, според оваа институција, во 2016 година јавните библиотеки во Тирана се збогатиле со 1.200 нови книги. Министерството за култура, исто така, спроведе истражување низ целата земја за состојбата на јавните библиотеки, во која се наведува дека е забележана состојба на запуштеност во однос на физичката состојба и нивното збогатување.
Според податоците од Заводот за статистика во врска со Националната библиотека на Албанија, во периодот 2013-2015 година бројот на претплатници на Националната библиотека е зголемен. Во 2015 година бројката изнесува 6.382, а бројот на посетители во читалните оваа година стигнал до 207.924.
Последните истражувања покажуваат дека 13 отсто од Албанците читаат помалку од 3 книги годишно, а 18 отсто од луѓето читаат 6-8 книги годишно. Честата употреба на интернетот довела до намалување на бројот на млади луѓе што читаат книги.