Yasemin Kalyoncuoğlu, Cebrail Caymaz
01 Мај 2026•Ажурирај: 01 Мај 2026
Координаторот на проектот „Таш Тепелер“ и раководител на ископувањата во Карахантепе, Турција, проф. д-р Неџми Карул, сподели дека пронашле траги кои откриваат дека луѓето што живееле тука пред 12 илјади години во голема мера се хранеле со месо од газели, но дека и мешунките заземале многу важно место во нивната исхрана, јавува Анадолу.
Во рамките на проектот „Таш Тепелер“, еден од најобемните археолошки потфати во историјата на Републиката, Карахантепе веќе седум години претставува едно од најзначајните истражувачки подрачја во Шанлиурфа.
На овој простор, кој наликува на структурите во Ѓобеклитепе (кој е на листата на светско наследство на УНЕСКО), се издигаат повеќе од 250 камени столбови во форма на буквата „Т“ од периодот на неолитот. Тука се откриени бројни скапоцени артефакти, почнувајќи од тридимензионални човечки скулптури, па сè до сликовити прикази на животни.
На овој локалитет, сместен во Националниот парк на планините Тек Тек, на 46 километри од центарот на градот, забрзано се работи, следејќи ги научните истражувања и големиот интерес на посетителите.
Координаторот на проектот „Таш Тепелер“ и раководител на ископувањата во Карахантепе, проф. д-р Неџми Карул, во изјава за Анадолу истакна дека кон крајот на мај ќе ги завршат подготовките за новата сезона и повторно ќе започнат со ископувањата во Карахантепе.
Тој објасни дека во овој период продолжуваат со лабораториските и архивските работи за да ги претворат минатогодишните податоци во знаење. Притоа, тие се соочиле со нови сознанија за навиките во исхраната, што им овозможило да направат споредба помеѓу Ѓобеклитепе и Карахантепе.
„Во двете населби наидовме на траги од консумација на газели, но во Ѓобеклитепе успеавме да откриеме дека се јаделе разновидни животни кои живееле на различни еколошки точки – од рамнините до највисоките планински врвови. Што се однесува до растителните остатоци, досега мислевме дека главно се јаделе житарки. Но, видовме дека за луѓето кои живееле тука во тоа време, и мешунките сепак имале многу важно место во исхраната. Во следната сезона уште повеќе ќе ги збогатиме овие податоци.“
- Се истражува екологијата на Карахантепе -
Проф. д-р Карул истакнува дека денес не само што откриваат што јаделе овие луѓе, туку и како секоја населба дишела во својот специфичен ритам.
Тој се осврна и на „Еколошкиот проект Таш Тепелер“ што започна минатата недела, напоменувајќи дека веќе 15 дена работат екипите на терен што во рамките на овој проект ја истражуваат екологијата од тоа време.
- „Ако ме прашате мене, ископувањата во Карахантепе не треба да никогаш да завршат“ -
Карул најави дека над Карахантепе ќе биде поставен заштитен покрив, но истакна дека покривањето на еден ваков простор, освен заштита на она што е извадено, подразбира и одредени принципи, и дека сега се во завршна фаза на тој процес.
Нагласувајќи дека Карахантепе се протега на 12 хектари, Карул рече: „Во моментов копаме на 6 илјади квадратни метри, но дури и таму каде што вршиме ископувања, постојат подлабоки слоеви. Затоа, многу е тешко да се предвиди временска рамка. Самата земја одредува кога овие проекти ќе завршат. Секоја година од овие места доаѓаат многу впечатливи наоди, нови сознанија и податоци. Работиме со сиот свој капацитет. Ако ме прашате мене, би сакал ископувањата во Карахантепе никогаш да не завршат.“